Со Никола Тупанчевски, како кандидат за нов министер за правда, завршува списокот со нови имиња за членови на владата на Ковачевски, на кој се најдоа и Петровска, Тренчевска и Костадиновска, како наследнички на нивните сопартијки кои досега ги предводеа министерствата за одбрана, за труд и социјална политика и за култура. Ново име во Владата е и Грковска, која е планирана за вицепремиерка
Министерката за одбрана во заминување Радмила Шекеринска денеска, како што информираа од МО, доби признание од Асоцијацијата на одбранбени аташеа акредитирани во Северна Македонија за нејзиното лидерство во процесот на зачленување на нашата држава во Алијансата и за нејзината визија за развој на одбраната и на Армијата согласно стандардите на НАТО.
По редовниот годишен брифинг со одбранбените аташеи акредитирани во земјава, признанието на Шекеринска ѝ го врачи американското одбранбено аташе, полковникот Питер Роуел, кој е претседател на Асоцијацијата.
Шекеринска се заблагодарила за овој гест и оцени дека последните четири и пол години беа тешки, но, како што посочи, работата се исплатела зашто крајниот резултат е видлив.
„Нема поголема сатисфакција од можноста да се придонесе кон нацијата, кон земјата, кон граѓаните. Јас имав можност да придонесам кон нешто што е поголемо од мене. Ако постои реченица која ја повторувавме последните декади, тоа е дека државата и граѓаните сакаат да бидат дел од Европската Унија и од НАТО“,
рече Шекеринска.
На крајот на март 2020 година, пред седиштето на НАТО во Брисел, се развеа и македонското знаме, со што земјава, по долги години чекање, исполни една од стратегиските цели што беа поставени во почетоците на независноста.
Пред неколку седмици, Шекеринска најави дека се повлекува од министерското место во одбрана и дека нема да учествува во новата влада на СДСМ што треба да биде избрана до крајот на оваа седмица. Деновиве таа изјави дека на своите сопартијци во новото раководство на СДСМ им ги пренела своите позиции во врска со нејзиниот наследник/наследничка на министерската функција, посочувајќи дека се работи за навистина чувствителен сектор, во кој не важат само домашните правила за одговорност, туку и правилата на НАТО.
На нејзината најверојатна наследничка на челното место во МО, Славјанка Петрова, Шекеринска ѝ ја остави обврската за организирање на големата конференција за стратегиски комуникации на НАТО. На конференцијата која ќе се одржи наесен во Скопје, како што се најавува, ќе пристигнат околу 500 НАТО-експерти за стратегиски комуникации од сите земји членки, како и од околу 40 партнерски држави.
Владата во заминување, предводена од Зоран Заев, брои 20 члена меѓу кои четири се жени и ниту една од нив, според последните информации, не останува на функцијата, ниту во владиниот кабинет. На местата на Шекеринска во МО, Јагода Шахпаска во МТСП, Ирена Стефоска во култура, според последните најави, доаѓаат други социјалдемократки: Петровска, Јована Тренчевска и Бисера Костадиновска-Стојчевска. Позицијата министер за образование и наука, од која се повлече Мила Царовска, пак, се очекува да ја преземе досегашниот министер за информатичко општество и администрација Јетон Шакири од ДУИ. Од друга страна, поранешната пратеничка на СДСМ, Славица Грковска, се очекува да ја преземе вицепремиерската функција за борба против корупцијата, наместо Љупчо Николовски, кој се враќа во земјоделство, односно на позицијата на која до ноември минатата година беше Аријанит Хоџа од Беса, која излезе од Владата.
Со тоа, се очекува и во владата на Димитар Ковачевски да има четири министерки од СДСМ, додека Министерството за правда, најверојатно, ќе му припадне на непартиски кадар, односно на Никола Тупанчевски, долгогодишен професор на Правниот факултет на УКИМ во Скопје.
Сo Тупанчески како министер за правда завршува списокот на нови имиња во владините ресори што ги раководи СДСМ.
Во новата влада останува досегашниот министер за правда Бојан Маричиќ, но ротира на вицепремиерско место во Секретаријатот за европски прашања, односно на позицијата на Никола Димитров. Досегашните позиции во Владата, пак, се очекува да ги задржат досегашните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски – Оливер Спасовски, кој неодамна се повлече од потпретседателското место во СДСМ и Благој Бочварски, кој порано исто така беше потпретседател на владејачката партија, а едно време беше и градоначалник на Штип. Реизбраниот потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи, пак, останува вицепремиер за економија.
Кандидатите на Ковачевски за членови на неговата влада вечерва треба да ги потврди Централниот одбор на СДСМ, на седницата што е закажана за 20 часот.
Според најавите, по вечерашната седница на ЦО на СДСМ, Ковачевски уште утре би можел да ги достави до Собранието предлозите за нови министри и програмата за работа на неговиот кабинет. Како што се најавува, собраниската седница за избор на новата влада се планира да се одржи наредниот викенд, на 15 и на 16 јануари. Така, кабинетот на Ковачевски би ја презел должност в понеделник на 17 јануари, а веќе следниот ден би имал средба со новиот бугарски премиер Кирил Петков, кој доаѓа во Скопје.