Собраниската седница за избор на новата влада, според најавите, би можела да се одржи следниот викенд, така што идниот македонски премиер веќе на вториот работен ден на „Илинденска“ би се сретнал со бугарскиот колега
Очекуваниот иден премиер, Димитар Ковачевски, веројатно, ќе го почне мандатот на „Илинденска“ со средба со новиот бугарски премиер Кирил Петков, кој беше избран на функцијата минатиот месец.
Во политичките кругови се подгреваат надежи дека новите премиери ќе им дададт нов имплус и друг тек на преговорите меѓу двете земји, што би можело да резултира со кревање на „бугарската рампа“ за почеток на преговорите на С Македонија со ЕУ, чиј нов претседавач (Франција) ја најавува интеграцијата на Западен Балкан како еден од приоритетите.
Следниот викенд, на 15 и на 16 јануари, се планира да се одржи собраниската седница за избор на новата Влада, предводена од Димитар Ковачевски. Според информации на „360 степени“ планираната динамика е идниот премиер и новите министри в понеделник, на 17 јануари, да го преземат функциите од своите претходници, а веќе следниот ден се очекува во Скопје да допатува новиот бугарски премиер, Кирил Петков, кој најави дека доаѓа на 18 јануари.
Собраниската седница за избор на Владата, како што се најавува, би можела да се помести и во некој од работните денови следната седмица, во зависност од тоа кога ќе стигнат во Собранието програмата на Ковачевски и предлозите за нови министри.
Веднаш по новогодишните празници, на 2 јануари, во Скопје претстојуваше советничката за надворешна политика на Петков, Весела Чернева, со цел, како што беше соопштено, да се подготви претстојната посета на бугарскиот премиер на Скопје во текот на овој месец, а по изборот на новата Влада во земјава.
Петков, кој беше избран за премиер на Бугарија кон средината на минатиот месец, во повеќе наврати најавуваше обновување на дијалогот со Скопје и насочување на разговорите и на други битни теми за двете земји, како економијата и инфраструктурата, наместо фокусирање на историјата.
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, изјави деновиве дека се очекуваат конструктивни разговори со новата Влада во Бугарија, враќање на довербата, разговор по однос на суштинските прашања и брзо деблокирање на процесот. На прашање дали е закажана средбата со бугарскиот премиер, Османи рече дека е предвидено интензивирање на комуникацијата уште во првите денови и недели од оваа година. Сепак, потенцира, треба да се изгласа новата влада во Собранието, за потоа да може формално да се остварат средби на идниот премиер, па и на претставниците на Владата.
Османи, исто така, рече дека во втората половина на јануари, по формирањето на Владата во Северна Македонија, ќе биде воспоставена комуникацијата со Франција, како актуелен претседавач на Европската Унија, а во насока на можностите кои земјава би ги имала за време на француското претседателство за одблокирање на процесот на евроинтеграциите.
Заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, најави вчера дека разговорите за формирање на новата Влада се во финална фаза и дека се очекува в понеделник Ковачевски да ги претстави идните министри и својата програма за работа пред Централниот одбор на партијата. Потоа, како што рече, што ќе продолжи соодветната процедура во Собранието.
Се очекува новата влада, во која, освен коалицијата на СДСМ и ДУИ, партиципира и Алтернатива, да биде избрана во со поддршка од 64 пратеници, колку што брои „модифицираното“ парламентарно мнозинство.
Владата во заминување, односно вториот кабинет на Зоран Заев, исто така беше избран за време на викенд, на седница што почна на 29 август, а заврши на полноќ на 30 август 2020 година. Досегашната влада беше избрана со поддршка од 62 пратеници.