Иако незадолжителна, електронската аукција била применета во 91 отсто од јавните набавки, што упатува на тоа дека е-аукцијата се користи како механизам за манипулации и корупција. Честото совпаѓање на вредноста на доставените понуди со проценетата вредност на тендерите, која не е јавно објавена, упатува на претходно договарање меѓу институциите и понудувачите, се наведува во извештајот на ЦГК
Во првата половина од 2021 година, преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас, се склучени договори во вредност од 7,9 милиони евра. Само АД „Електрани“ склучиле шест договори во вредност од четири милиони евра, преку нетранспарентна постапка без објавување оглас.
Ова го покажуваат наодите од извештајот за мониторинг на јавни набавки во првата половина на 2021 година, спроведен од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Мониторингот на јавните набавки во земјава покажува низа слабости кои укажуваат на договарање меѓу институциите и понудувачите, а слабостите, како што наведува извештајот на ЦГК, се присутни на тендерите кои ги спроведуваат институциите и на национално и на локално ниво.
За дури 91 отсто од јавните набавки спроведени во периодот од јануари до јуни годинава, се применувала незадолжителната електронска аукција како механизам за манипулација и корупција, соопштува извештајот на ЦГК.
„Иако незадолжителна, електронската аукција била применета во 91 отсто од јавните набавки, што упатува на тоа дека е-аукцијата се користи како механизам за манипулации и корупција. Честото совпаѓање на вредноста на доставените понуди со проценетата вредност на тендерите, која не е јавно објавена, упатува на претходно договарање меѓу институциите и понудувачите“,
информира ЦГП.

Податоците од мониторингот покажуваат дека во речиси половина од тендерите во кои е-аукцијата била планирана, таа всушност не е одржана.
Дисторзиите што ги создава високата примена на е-аукцијата можат да се групираат во два кластери. Првиот се однесува на последиците што настануваат во тендерите каде што нема конкуренција или истата е мала, а вториот во тендерите каде што има конкуренција, која резултира со договарање меѓу фирмите или нереално спуштање на цените.

Мониторингот открива неколку појави што ја доведуваат во прашање и реалноста и точноста на проценетите вредности на набавките.
На пример, мониторирана набавка за репарација на ѕидните и подните површини во блоковите санитарни јазли, со проценета вредност од 1 500 000 денари без ДДВ, спроведена од страна на државен факултет. Проценетата вредност на постапката не беше
јавно објавена. Понуда доставиле 14 економски оператори. Во текот на аукцијата, најниската цена која е понудена, од 719 755 денари, е спуштена на 489 429 денари без ДДВ. Произлегува дека договорената вредност на договорот е 3 пати помала од проценетата вредност.
Ваквите дисторзии, како што се наведува во извештајот, укажуваат на манипулации од двете страни, и говорат дека под итно мора да се пристапи кон многу поголема сериозност во утврдувањето на проценетата вредност и кон изборот дали за одреден тендер ќе се спроведе е-аукција. Доколку на фирмите им се одземе можноста за калкулации и договарање, тогаш првичните понуди коишто тие ќе ги даваат ќе бидат и финални и фирмите ќе посветат сериозно внимание за да ги утврдат.