Што ќе се случува понатаму, вели Филипче, не може да се предвиди. Дали ќе се појави некоја нова варијанта на вирусот која ќе ја влоши ситуацијата, не може да се знае, и затоа, нагласува тој, потребна е вакцинација
За новогодишните празници нема потреба од воведување рестриктивни мерки за заштита од ковид-19, смета министерот за здравство Венко Филипче. Актуелните мерки, според него, се доволни.
„Засега не се планираат никакви дополнителни рестриктивни мерки од тоа што е сега. Сметаме дека тоа што е сега препорака во однос на излез или влез во земјата – да се бара потврда за вакцинација или ПЦР-тест или потврда за прележан ковид, е сосема доволно. Сметам дека опфатот со вакцинација кој според новиот попис веројатно е некаде помеѓу 50 и 55 отсто, ако се исклучат децата, сепак е прилично висок процент. Жал ми е што спласна интересот и нема да стигнеме за кратко време 70 или 80 отсто опфат. Имајќи предвид тоа што болниците се навистина растоварени, дел од ковид-центрите се затвораат, на почетокот следната неделата целата Клиниката за интерни болести ќе се врати во нормална работа и сите ковид-пациенти ќе бидат сместени на Клиниката инфективни болести и Институтот за ТБЦ, дополнително ни дава за право да сметаме дека ситуацијата е навистина мирна“,
изјави Филипче.
Тој вели дека собири има и периодов пред Нова година и нема потреба специфично за новогодишните празници да се прават нови рестрикции.
„Мерките засега се добри, сметам дека сегашните рестриктивни мерки во пресрет на новогодишните празници се доволни. Со оглед на тоа што такви собири на јавни места има и сега, практично за време на новогодишните празници ќе се достигне кулминација, потоа ќе спласне. А сега е прилично мирна состојбата, не гледам зошто само за новогодишните празници би правеле некаква рестрикција кога собири сега пред Нова година традиционално има секаде во огромен број, луѓе се собираат“,
рече министерот.
Што ќе се случува понатаму, вели Филипче, не може да се предвиди. Дали ќе се појави некоја нова варијанта на вирусот која ќе ја влоши ситуацијата, не може да се знае и затоа, нагласува тој, потребна е вакцинација.
„Сега излегуваат податоци од студии дека значајно се зголемува ефикасноста против најновиот сој омикрон кога се прима третата засилувачка доза – сериозно за неколку десетици проценти ефикасноста се зголемува и затоа инсистираме вакцинацијата да продолжи, граѓаните вакцинирани со две дози да примаат и трета доза, сметаме дека тоа е излез од кризата“,
рече Филипче.
