На прашањето што мисли за спорот на релација Софија-Скопје и дали тој има дилеми како се нарекува јазикот на етничките Македонци, францускиот амбасадор рече дека за него нема дилема и дека во „оваа земја се зборува македонски јазик“

Никој не ќе може да им наметне на двете земји да усвојат нешто што нема да им одговара и што ќе бара поместување од црвените линии. Во рамки на тие параметри треба да се напредува, да се изнајде решение, а откако ќе се постигне тоа, ќе треба да се договориме за Преговарачката рамка, која ќе овозможи отворање на преговорите за членство, без одолговлекување, вели францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер, во интервју во емисијата „360 степени“ на телевизија „Алсат“, зборувајќи за јазичното прашање, кое е едно од најчувствителните во односите на релација Софија-Скопје.
„Се наоѓаме во процес кој е исклучително дипломатски, тоа за Северна Македонија значи почитување на црвените линии кои се јасно утврдени од властите во земјата. Сè додека остануваме во овие параметри, мислам дека во очите на другите држави членки на Европската Унија и ЕУ-институциите ќе нема никакви потешкотии за да се усвои тоа што било договорено во тие рамки. Она што треба да го имаме на ум е поврзано со ефикасноста, а не со комуникацијата“,
смета Бомгартнер.

На прашањето дали тој има дилеми како се нарекува јазикот на етничките Македонци, францускиот амбасадор рече дека за него нема дилема и дека во „оваа земја се зборува македонски јазик“.
