Амбасадорот Сирил Бомгартнер, во интервју за „360 степени“, рече дека во однос на евентуалните конкретни потези на францускиот претседател би останал дискретен, бидејќи „најважно е да бидеме ефикасни, да имаме активности што ќе овозможат деблокада на процесот“
Францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер, во интервју во емисијата „360 степени“ на телевизија „Алсат“, рече дека може да се очекува од претседателот Емануел Макерон да преземе чекори за олеснување на дијалогот помеѓу Софија и Скопје, односно дека има повод да преземе иницијативи и да ги придвижи работите напред.
Бомгартнер не откри каков потег или потези конкретно може да преземе Макрон за решавање на спорот со Бугарија, но порача дека започнувањето на преговорите за нашата земја со ЕУ е нешто што сите го посакуваат.
„Мислам дека наредното ваше прашање ќе биде – за што се работи попрецизно всушност, но јас би останал дискретен, бидејќи најважно е да бидеме ефикасни, да имаме активности што ќе овозможат деблокада на процесот и да се постигне тој резултат, којшто сите денес го посакуваат, а тоа е решавање на состојбата што е можно побрзо за да се почнат преговорите за членство во ЕУ. Тоа значи дека не се наоѓаме во фаза на јавна комуникација, туку во фаза на мобилизација, а за да се зголемат шансите за успех понекогаш треба да бидеме многу дискретни, затоа што најважно е да бидеме убедливи и да имаме рационален пристап којшто на крајот ќе ни го донесе посакуваниот резултат“,
рече Бомгартнер во интервјуто.
Франција од први јануари го презема претседавањето со Советот на Европската Унија, а со тоа и олеснувачката палка во напорите за деблокада на пристапниот процес на Северна Македонија и Албанија.