„Релативно долго време се одржуваше некоја стабилна цена на електричната енергија на прилично ниско ниво. Се разбира таквото одржување не остава многу простор за издвојување средства за одржување, за одредени ре-витализациски и модернизациски зафати, а далеку од тоа да има простор за градба на нови објекти. Значи секоја приказна има две страни“, вели професорот Филкоски
Не можам да дадам проценка дали ќе има драматичен раст на цените, но дека ќе има пораст на цената на електричната енергија е речиси сигурно. Ова во интервју за Радио Слободна Европа го изјави професор Ристо Филкоски од Машинскиот факултет во Скопје. Тој додава дека би бил изненаден доколку тоа не се случи, иако има одредени механизми со коишто може тоа малку да се ублажи, пред сѐ во рацете на Владата и на Регулаторната комисија за енергетика.
„Проблемот е комплексен. Релативно долго време се одржуваше некоја стабилна цена на електричната енергија на прилично ниско ниво. Се разбира таквото одржување не остава многу простор за издвојување средства за одржување, за одредени ре-витализациски и модернизациски зафати, а далеку од тоа да има простор за градба на нови објекти. Значи секоја приказна има две страни. Цената од околу 38 евра за мегават/час им одговараше локално на потрошувачите, меѓутоа јасно беше дека таа долгорочно не беше одржлива и токму тоа е една од причините поради кои објектите се во состојбата во каква што се. Долготрајното одржување е на релативно ниско ниво. Сликовито да се изразам, не можете да ги обвинувате пожарникарите за тоа што возилата им се стари 40 години. Значи, објектите се стари, со одржување колку што овозможувале приликите. Можеби можело да се направи повеќе. На пример, Осломеј е термоцентрала од доцните 70-ти години. Блоковите во Битола се градени во 80-те. Тие се технички со поминат животен работен век на постројките“,
вели Филкоски.
Зборувајќи за состојбата на енергетските капацитети, посочува дека државата не треба да брза со напуштање на јагленот.
„Нашите енергетски потреби во иднина да ги префрламе на природен гас, со комбинирано гасно-парни постројки, а РЕК Битола ни случајно не треба брзо да се затвора, тоа треба да оди со некоја динамика која ќе се совпаѓа во наредните десет-дваесет години со времетраењето на достапните резерви на лигнит“,
смета тој.