Не сметам дека треба Северна Македонија да го смени ставот туку Бугарија. А за таква промена потребен е пријателски совет од земјите на ЕУ до Бугарија дека таа има многу проблеми и дека можеби земјата треба да ги има на ум сите тие домашни проблеми и да преговара начин за излез од овој спор, вели професорот на Универзитетот во Грац и политички аналитичар
Северна Македонија нема како да попушти на суштински план пред барањата на Бугарија и за надминување на ветото во ЕУ ќе треба некаков симболичен компромис или механизам за Софија да го спаси својот углед. А за таква промена потребен е пријателски совет од земјите на ЕУ до Бугарија дека можеби земјата треба да ги има на ум сите домашни проблеми и да преговара начин за излез од овој спор, вели во интервју за МИА универзитетскиот професор од Грац, Флоријан Бибер.
Сепак, Бибер вели дека не гледа јасна причина да верува дека ќе се случи деблокирање на ветото во декември, но дека ништо не е невозможно и ќе зависи од сигналите од Бугарија и што се случува зад кулисите, со оглед дека Германија, која е најголемиот поддржувач, се наоѓа во преодна фаза на владата и останува да се види што ќе направат и другите држави на ЕУ во однос на ставот на Бугарија.
„Не сум слушнал ништо што сугерира брзо решавање. Мислам дека луѓето во ЕУ се свесни дека ова е уште една можност за почеток на овој процес. Сите многу јасно ставија на знаење дека се фрустрирани поради бугарската позиција. Ништо од тоа не е ново. Еден од клучните предизвици е тајмингот. Мислам дека германската влада игра клучна улога во исполнување на агендата, таа е една од најголемите држави во ЕУ поддржувач на проширувањето, и во договорот за новата влада стои почетокот на преговорите со Северна Македонија што поскоро. Но, засега има вакуум. Не дека германската влада во заминување не се интересира за прашањето, но се наоѓаме во преодна фаза. Иако пораката е конзистентна, проблемот е што ќе направат и другите ЕУ држави во однос на ставот на Бугарија. Тука постои еден јаз, така што немам јасна причина да верувам дека ова ќе се реши во декември. Но, ништо не е невозможно и ќе зависи од сигналите од Бугарија и што се случува зад кулисите, но за сега не сум видел некои знаци кои би ме направиле оптимист дека ќе се реши до крајот на оваа година. Но би бил многу среќен ако грешам“,
вели Бибер.
Бибер истакнува дека барањата на Бугарија се целосно скандалозни и не гледа никаква причина зашто Северна Македонија би ги исполнила тие барања. Тој тврди дека повеќе земји членки на ЕУ го рекле тоа и јавно и зад затворени врати, дека е скандалозно и неприфатливо.
„Не сметам дека треба Северна Македонија да го смени ставот, туку Бугарија. А за таква промена потребен е пријателски совет од ЕУ земјите до Бугарија дека таа има многу проблеми и дека можеби треба да ги има на ум сите тие домашни проблеми и да преговара начин за излез од овој спор. Имаше повеќе обиди за компромис од повеќе претседателства на ЕУ, прашањето е дали следното претседателство, Франција, ќе проба. Во јавност Франција е сега отворено посветена на почетокот на преговорите откако ја доби реформата на преговарачката методологија, но јасно е дека нема ни да биде нејзин приоритет. Така што повторно е на германската влада заедно со неколку пријателски земји членки на ЕУ, и мислам дека ќе треба време“,
објаснува тој.
Во однос на процесот на проширување на ЕУ, Бибер посочува дека иако не смета дека тој е мртов, со сигурност е во сериозна криза и, дека ја има загубено способноста за промена во регионот, нагласувајќи дека има премногу неизвесности, а сѐ што ЕУ има да понуди е членство, што, според него, не е многу веродостојно.
„Сигурно е дека состојбата е ужасна, несомнено. Дури и Бугарија да го крене ветото до крајот на годинава, процесот не напредува со другите две земји кои преговараат и нема перспектива за сериозно придвижување, во голем дел поради домашната ситуација. Потоа има ризик друга земја да стави вето за Србија на пример, Романија, Хрватска. Толку многу вета можат да се појават. Треба да се има на ум дека ако Бугарија излезе како победник се крева ризикот дека други земји ќе бидат охрабрени да се однесуваат на ист начин за да го добијат тоа што го бараат. Се надевам дека Бугарија нема да биде успешна за да се обесхрабрат другите да го прават истото. Потоа се поставува прашањето што со земјите кога ќе се приближат до целта на членство, дали Франција повторно ќе кочи? Има многу неизвесности, иако не мислам дека процесот е мртов, со сигурност е во сериозна криза и ја изгуби способноста за промена во регионот. Погледнете ги Србија и Косово, нема перспектива да се реши за сега, а сѐ што ЕУ има да понуди е членство, а тоа не е многу веродостојно“,
смета Бибер.