Франција се чувствува скршено. Или поточно, политичка Франција, париска Франција и нејзините мејнстрим-медиуми, пишува во анализата на угледниот „Политико“.
Авторот Џон Личфилд констатира дека првпат во модерната историја на земјата, политичар си поднесе оставка затоа што неговиот приватен сексуален живот ѝ беше изложен на јавноста.
Причина за повлекувањето на Бенжамен Гриво, фаворитот на Макрон за градоначалник на Париз, е објавеното видео кое ѝ го испратил на некоја 27-годишна жена пред две години, во кое тој се снимал како мастурбира.
Според реакциите што ги предизвика овој потег, „Политико“ оценува дека без оглед на која страна ѝ припаѓаат, на десницата и на левицата, коментаторите и политичарите се лути, но не поради однесувањето на Гриво, туку од објавувањето на видеото и од фактот дека тоа го натерало да си даде оставка.

Тие се противат на можноста слободниот и релаксиран став на Франција кон сексуалниот живот на политичарите да биде поразен од суровите вредности на „те фатив социјалните медиуми“.
Јавниот живот во Франција се „американизираше“, велат соговорниците на „Политико“. Сметаат дека паднала виталната бариера која постоела меѓу политиката и сексот, јавноста и приватноста, а тоа ја доведува под знак прашалник иднината на француската демократија.
Претседателот на Националното собрание Ришар Феран, кој му е пријател на Гриво и е влијателен „макронист“, укажува дека „секој има право на своја ‘тајна градина’ и дека прифаќањето на ваквиот воаеризам води кон сексуална инквизиција“.
„По 23 години во Франција, признавам дека се чувствувам збунето. Мислев дека многу добро ја познавам Франција. Сега сфаќам дека не сум ја знаел“,
вели Феран.
Од другата страна на политичкиот спектар, дури и високите претставници на радикално десничарската партија на Мари Ле Пен и жестоки противници на Гриво, како Себастијан Шену, на пример, велат дека се работи за грешка бидејќи „не се избира светец, туку градоначалник на Париз“.
Реагираат и мејнстрим-медиумите. Ерве Гатењо, уредникот на угледниот „Журнал ди Диманш“ смета дека Гриво е „неодговорен, но не и виновен“.
ПОЛИТИЧАРИТЕ НЕ МОРА ДА СЕ СВЕТЦИ, НО НЕ ТРЕБА ДА СЕ ОДНЕСУВААТ КАКО НАЈИДИОТСКИ ТИНЕЈЏЕРИ
Сепак, според авторот на статијата во „Политико“, реакцијата за аферата „Мастургејт“ е предвидлива, разбирлива но во исто време и апсурдна.
„Инвазијата врз приватниот живот на граѓаните е погрешна и често сурова. Доволно е да ги погледнете британските таблоиди медиуми за да видите колку тоа е навистина така. Но, дали е исто така разумно да се дискутира за приватните животи но во контекст на лицемерството на јавни личности?“, прашува тој нагласувајќи дека токму на Гриво, оженет, татко на три деца, во кампањата му била полна устата со неговиот среќен семеен живот и со почитување на конзервативните вредности.
Тој заклучува дека француските политичари не мора да бидат светци, но тие, според Личфилд, треба да избегнуваат да се однесуваат како најидиотски тинејџери.