Бројот на ХИВ-позитивни случаи во С Македонија врвот го достигнал во 2015 година, кога имало 51 инфицирано лице, а во 2020 година бројот на ХИВ-инфицирани се намалил на 47
Во земјава просечно се дијагностицираат по 45 случаи на ХИВ годишно, додека вкупниот проценет број на ХИВ-позитивни лица се движи во интервал од 437 до 575 лица. Бројот на оние што не се свесни за својот ХИВ-статус, пак, би можел да изнесува меѓу 105 и 243 лица. Ова денеска го соопшти Андреј Сених, извршен директор на Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“, по повод први декември, Светски ден на СИДА.
„Она што како Здружение не загрижува е дека за жал во изминатите пет години од вкупно 225 регистрирани нови инфекции речиси половина или 48 проценти биле доцна дијагностицирани, а една петтина биле дијаностицирани во многу напреден стадиум на ХИВ-инфекцијата. До крајот на 2020 година, вкупно 112 лица се регистрирани како починати. Во овие доцна откриени случаи во последниве години регистрираме нешто зголемен број на смртни случаи. Обично има од еден до два или три случаи на смрт во годината. Минатата година имаше повеќе, а тоа е резултат на доцна откриена ХИВ инфекција. Кога зборувам за доцна инфекција со ХИВ тоа не значи дека нема спас“,
рече Сених укажувајќи на резултатите од анализата што е спроведена во соработка со експерти од земјава и од надвор, според методологија на Европскиот центар за контрола на болести.
Сених посочи дека 90 отсто од дијагностицираните лица во 2020 година примаат антиретровирусна терапија, а од вкупниот број лица кои ја примаат оваа терапија дури 94 отсто го имаат целосно потиснато вирусот во крвта, со што се прекинува можноста за понатамошен пренос на инфекцијата преку сексуален пат.
Според анализата, бројот на ХИВ-позитивни случаи во Македонија врвот го достигнал во 2015 година кога биле забележани 51 инфицирано лице. Во 2020 година пак, бројот на ХИВ-инфицирани се намалил на 47, а дури 34 отсто од ХИВ-инфицираните лица во 2020 година не биле свесни за својот ХИВ-статус.
На прес конференцијата присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче кој укажа дека буџетот на програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекција се зголемува од 90 на 130 милиони денари за следната 2022 година.
„Во 2018 година Владата го презема финансирањето на превентивната ХИВ-програма од Глобалниот фонд. Во тој момент нашата земја е оценета како земја со прилично стабилна епидемија во однос на ХИВ и во таа смисла започнува системот на финансирање на граѓанските организации кои преземаат еден значаен дел од сите овие активности коишто означуваат превенција“,
истакна Филипче.
Министерот за здравство истакна дека на Инфективната клиника освен пациенти инфицирани од ковид-19 се лекуваат и пациенти инфицирани со ХИВ. Тој упати апел до граѓаните да ја примат вакцината против ковид-19, со цел капацитетите од Инфективната клиника да не бидат преоптоварени доколку за лечење имаат потреба и други пациенти со други инфекции.
Извршниот директор на Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“, Андреј Сених, истакна дека кај лицата позитивни на ХИВ немаат забележано поголеми компликации во однос на заразата од ковид-19, но глобалните статистики потврдуваат дека лицата со ХИВ се повеќе погодени и се изложени на поголем ризик од тешко заболување од ковид-19
Извршната директорка на Здружението ХОПС, претставник на Платформата на организации што даваат услуги за превенција на ХИВ кај клучните засегнати популации, Хајди Штерјова-Симоновиќ апелираше пратениците да ги усвојат измените во Законот за здравствена заштита со што ќе се институционализираат програмите кои работат на превенција од ХИВ и додаде дека многу е важно во образовниот процес да се воведе тема за сексуално и репродуктивно здравје кои ќе ги едуцираат младите во однос на превенцијата од ХИВ-инфекција.