На денешната владина седница е донесена одлука за продолжување на манадатот на универзитетскиот професор и поранешен премиер како „олеснувач“ на дијалогот меѓу Скопје и Софија
На универзитетскиот професор Владо Бучковски му е продолжен мандатот како специјален претставник на македонската Влада за Бугарија.
На денешната седница, ден пред истекот на мандатот на Бучковски, Владата донесе одлука тој повторно да биде именуван на оваа позиција.
„На предлог на Комисијата за именување, на денешната седница, проф. д-р Владо Бучковски е именуван за специјален претставник на Владата на Република Северна Македонија за Република Бугарија, со што практично му е продолжен мандатот кој истекува на 1 декември 2021 година“,
информираа од прес-службата на Владата.
Лани на 1 декември, Владата го именува Бучковски за специјален претставник за Бугарија, со мандат од една година.
Тогаш од Владата соопштија дека ова именување на поранешниот премиер за специјален претставник во Софија е со цел да се заокружи со успех процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија и да се создаде атмосфера за реализација на прашањата од интерес на двете земји опфатени со Договорот за пријателство и добрососедство.
Претходниот мандат на Бучковски, практично, помина во атмосфера на политичка неизвесност во Бугарија, каде што трипати по ред се одржуваа вонредни парламентарни избори, што се одрази и на спорот меѓу Скопје и Софија.
Новото именување на Бучковски на истата позиција, пак, доаѓа во период по реизборот на Румен Радев за претседател на Бугарија и во очекување да се формира новата влада во Софија, по ноемвриските избори, како и пред Европскиот самит кон средината на декември, кога ќе се знае дали земјава ќе добие датум за почеток на преговорите со ЕУ оваа 2021 година или процесот ќе биде одложен за јануари.