Заедничко за сите протести се барањата на властите за стопирање проекти кои демонстрантите ги сметаат за штетни за животната средина, но организаторите и причините за собирите се различни
Едно од главните барања што се слушна од неколкуте протести е да се повлечат измените на двата закона што српското собранието ги донесе минатата недела (25 и 26 ноември) – Законот за референдум и Законот за експропријација. Додека противниците на законите сметаат дека тие се во рацете на приватни инвеститори, ваквите наводи ги отфрла владата предводена од Српската напредна партија на српскиот претседател Александар Вучиќ, пишува српската подружница на радио „Слободна Европа“.
Измените на Законот за референдум стапија во сила бидејќи беа потпишани од претседателот на Србија по гласањето во парламентот – како што налага процедурата. Измените на Законот за експропријација сѐ уште го немаат потписот на Вучиќ.
„Мислам дека го потпишав Законот за референдум и не сум сигурен за Законот за експропријација. Го чекам мислењето на правниот тим“,
изјави Вучиќ на 29 ноември.
Блокадата на неколку главни патишта низ Србија, која беше организирана во саботата на 27 ноември, поради измените на тие закони, претседателот на Србија ја нарече „кршење на Уставот“. Протестот што го организираа повеќе еколошки здруженија, граѓански иницијативи и опозициски партии, Вучиќ го нарече „политички криминал“.
Инциденти и туркања меѓу демонстрантите и полицијата се забележани на повеќе локации во Србија, а во Шабац, како што тврди опозицијата, демонстрантите биле нападнати со чекани и палки од група непознати маскирани лица.
Бројот на повредени и приведени во текот на протестот, полицијата не го соопшти, а министерот за внатрешни работи Александар Вулин рече дека протестите се обид за предизвикување немири и судири, како и дека немаат никаква врска со екологијата туку со „валканата политика“.
Протести во Лозница против рудникот „Рио Тинто“
Во Лозница, Западна Србија, стотици граѓани протестираа на 29 ноември против планот за изградба на рудник за литиум во сопственост на „Рио Тинто“. Месното население, собрано во здруженија на граѓани, еколошки организации, дел од стручната јавност и голем број опозициски партии сметаат дека рудникот може да има негативни последици за животната средина – не само во областа Лозница туку и пошироко.
Протестот беше организиран пред градското собрание во Лозница, а барањето беше плановите за изградба на рудник во долината на реката Јадар да се отстранат од просторниот план на градот со кој се дефинираат идните проекти.
Петицијата за промена на локалниот просторен план ја потпишаа повеќе од 5 000 локални жители, од вкупно 80 000 жители што живеат во градот. Но, седницата во градското собрание, закажана за 29 ноември, во меѓувреме е откажана.
Протестот пред институциите во Лозница го организираше локалното еколошко здружение на граѓани „Не го даваме Јадар“, кое се противи на изградба на рудник за литиум. Здружението е регистрирано во селото Горна Недељица, едно од местата каде што „Рио Тинто“ планира да гради рудник.
Локалните еколошки иницијативи кои се против рудникот имаат десетици илјади следбеници на социјалните мрежи, а револтот започна поради стравот дека планираниот рудник на „Рио Тинто“ може да ја загади животната средина – земјиштето и речниот слив.
„Рио Тинто“ ги отфрла тврдењата за загадување и ветува дека ќе ги почитува највисоките еколошки стандарди за проектот „Јадар“ – како што се нарекува проектот за експлоатација на литиум од минералот јадарит во Србија, именуван по реката во чија долина е пронајден.
Во соопштението од септември компанијата вели дека ја разбира загриженоста на граѓаните на Србија во однос на заштитата на животната средина и ги повика да побараат повеќе информации за проектот „Јадар“. Исто така, се нагласува дека „проектот ‘Јадар’ е развојна шанса за Србија и можност земјата да биде лидер во зелената транзиција во Европа“.
Подземниот рудник сѐ уште нема добиено градежна дозвола бидејќи се чека оцена на влијанието врз животната средина, а владините претставници ветија дека локалното население на референдум ќе одлучи дали го сака рудникот или не.
А, според измените на Законот за референдум што стапија во сила, се укина прагот од 50 проценти – што значи дека веќе не е важно колку запишани гласачи ќе излезат на референдумот за тој да биде успешен.
По објавувањето на информацијата дека претседателот на Србија го потпишал Законот за референдум, во Лозница на протестот се слушаа негодувања, како и барање да не се потпишуваат измените на друг закон – Законот за експропријација.
Измените на тој закон ѝ овозможуваат на државата по итна постапка, со скратени рокови, да конфискува имот во приватна сопственост и за тоа да му плати на сопственикот надомест – доколку конфискацијата на имотот е неопходна поради проекти од јавен интерес.
Демонстрантите на протестот велеа дека промена на законот е во корист на „Рио Тинто“ за компанијата да може да ги добие преостанатите парцели за рудникот кои не ги купи од локалното население, но владата во неколку наврати претходно ги отфрли ваквите наводи. Премиерот на Србија изјави дека компанијата „Риот Тинто“ веќе ги поседува сите потребни парцели и за ниту една не бара експропријација.
Инциденти на блокадите во Шабац
Сликите од инцидентите за време на викендот пристигнаа од Шабац, град во западниот дел на земјата.
Во саботата, на 27 ноември, Шабац им се придружи на градовите во Србија каде што беа организирани блокади на патиштата во знак на протест против законите за експропријација и за референдум.
Неколку здруженија собрани во Здружението на еколошки организации на Србија повикаа на блокади на патиштата во Србија. На протест повика и неформалното движење „Еколошко востание“ предводено од активистот Александар Јовановиќ-Ќута, невладината иницијатива „Почни – промени“, која организираше онлајн петиција против рудникот „Рио Тинто“ и „Собранието на слободна Србија“.
Покрај граѓаните, на блокадата беа и претставници на опозициската иницијатива „Да не го давиме Белград“ и партијата Заедно за Србија, предводена од поранешниот градоначалник на Шабац, Небојша Зеленовиќ. Двете политички организации најавија дека заеднички ќе излезат на изборите во април 2022 година.
На социјалните мрежи се проширија снимки од инцидентот во Шабац. Демонстрантите наведуваат дека снимиле како багер се движи кон толпата и се обидува да ги растера насобраните, како и дека на втората снимка се гледа како група маскирани лица ги удираат демонстрантите со палки и чекани.
Опозицискиот политичар Небојша Зеленовиќ изјави дека полицијата се повлекла пред напаѓачите, како и дека „стасала команда луѓето во Шабац да се прегазат со багер“. На протестот одржан во Белград еден ден подоцна, како одговор на инцидентите во Шабац, Зеленовиќ праша кој ја дал наредбата „да се повлече полицијата и да се нападнат голораките луѓе“.
Протестот на 28 ноември побара ослободување на сите приведени демонстранти за време на блокадите на патиштата во Србија, како и полицијата да ги уапси напаѓачите на демонстрантите во Шабац.
Полицијата ослободи двајца уапсени демонстранти на 29 ноември: еден од Шабац и еден од Лазаревац кај Белград.
Небојша Зеленовиќ изјави дека напаѓачите на демонстрантите во Шабац биле приврзаници на Српската напредна странка.
Како одговор на тоа, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на 29 ноември одговори дека не знае кој е возачот на багерот, како и дека не знае кои се другите што со палки и чекани отишле кај демонстрантите. Рече и дека багерот не се движел низ толпата и дека се движел полека за да не повреди никого.
Говорејќи за инцидентите во Шабац, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека таму бил претепан багерист „кој не прекршил ниту еден закон и кој се движел многу бавно и не загрозувал никого“.
Властите ја обвинија опозицијата дека ги блокирала активистите на Српската напредна партија на мостот во Шабац, кои тој ден отишле во Белград на митинг на роденденот на партијата.
Демонстрантите во Белград – од блокада до пешачење
На блокадите на патиштата, организирани од еколошки и невладини здруженија, во саботата им се приклучија и локални групи граѓани – во Пожега, Ваљево, Нови Сад, Зрењанин, како и опозициските политички партии и од левиот и од десниот политички спектар.
Во Белград полициски сили поставија кордони на неколку главни патишта – на влезовите на мостот „Газела“ и автопатот во обид да спречат илјадници граѓани да ги блокираат патиштата.
За време на блокадата во Белград, демонстрантите снимија полицаец како преку ограда фрла девојка која учествуваше во блокадите. Истиот полицаец е снимен и како турка еден од учесниците на протестите.
Невладиниот белградски Центар за човекови права испрати иницијатива до Министерството за внатрешни работи и до омбудсманот да ја преиспитаат одговорноста на овој полицаец. Засега МВР не се огласи по оваа претставка.
Во писмената изјава на министерот за внатрешни работи Александар Вулин од 28 ноември се наведува дека полицијата била нападната на повеќе места, а законот се прекршувал во „секоја секунда“.
Тој рече и дека Србија е демократска земја во која секој има право да го изрази своето незадоволство, но спречувањето на другите граѓани да се движат слободно, како што наведе, е обид за предизвикување конфликти и немири.
На почетокот на неделата, во деновите кога пратениците во српското собрание седеа за измените на законите за референдум и за експропријација, еколошки активисти, опозицијата и граѓани неколкупати протестираа пред зградата на српскиот парламент.
По саботната блокада, најавена е уште една за следниот викенд, на 4 декември.
„Екостража“ против загадувањето на воздухот
Во меѓувреме, во неделата (28 ноември) се одржа протест кој ги собра еколошките активисти и граѓаните во центарот на Белград, на кој од властите беше побарано да се справат со загадувањето на воздухот. Протестот беше организиран од неформална група граѓани „Екостража“, која настанот го закажа на својата фејсбук-страница.
Белград и другите градови во Србија се рангирани меѓу најзагадените во светот во последните години, според апликацијата за мерење на квалитетот на воздухот „Ер вижуал“. Оваа апликација ги следи податоците на меѓународно ниво.
Прекумерно загадување на воздухот забележале и мерните станици на Државната агенција за заштита на животната средина во Србија.
„Екостража“ има повеќе од 70 илјади следбеници на Фејсбук, а од почетокот на 2021 година во Белград се организирани три протести против аерозагадувањето.
Илјадници луѓе присуствуваа на протестите.
Според организаторите, на протестите на „Екостража“ се приклучиле и некои неформални групи граѓани од повеќе белградски населби и други градови во Србија.
Во февруари 2021 година омбудсманот утврдил неправилности во работата на Министерството за заштита на животната средина, кога станува збор за надзорот и мерките против одговорните за квалитетот на воздухот во Србија.
Девет месеци подоцна Министерството најави дека на 1 ноември ќе започне координиран надзор на инспекциите поради загадениот воздух во Белград, со цел да се провери дали компаниите и институциите на територијата на Белград ги преземаат сите пропишани мерки за спречување на емисиите на загадувачки материи во воздухот.
Протест против белградското метро
Еколошки активисти, лидери на опозицијата и група граѓани од српската престолнина се собраа во понеделникот, 22 ноември, недалеку од местото каде што почна изградбата на метрото во Белград.
Работите започнаа на Макишко Поле, каде што е предвидена почетна станица и депо на метро.
На Макишко Поле има и подземни бунари од кои Белград добива вода за пиење, како и фабрики за преработка на вода за пиење. Организаторите на протестот сметаат дека изградбата на метрото ќе ги загрози изворите на вода.
На протестот во Макиш, меѓу другите, присуствуваа и претседателот на опозициската Демократска партија, Зоран Лутовац, лидерот на партијата Заедно за Србија, Небојша Зеленовиќ, како и активистот на „Еколошко востание“, Александар Јовановиќ-Ќута.
„Еколошкото востание нагласува дека се исцрпени сите институционални механизми за одбрана на Макиш. Владата е решена да го исполни својот план за да добие милион квадрати, а на штета на сите нас, и да почне да се гради на Макишко Поле, а со тоа да доведе до целосно уништување на најголемиот белградски воден извор“,
соопштија од движењето.
Градската управа на Белград, во која Српската напредна партија има мнозинство, ги отфрли ваквите наводи.
Заменик-градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, коментирајќи го протестот, рече дека никаде во светот не се случило „некој да протестира затоа што градот добил метро“.
„Можам да разберам дека политички не се согласуваме, дека не делиме иста визија за развојот на градот, го разбирам и правото на протест, но навистина не можам да разберам дека има луѓе што сакаат да ја спречат изградбата на метрото“,
рече Весиќ.
Против проектот за изградба на подземната железница, врз основа на кој почнаа работите, е и Градежниот факултет во Белград. Таа институција на 27 октомври соопшти дека нема да учествува во понатамошната реализација и развој на тој проект.
Факултетот претходно предложи да се ажурираат сите податоци за изградбата на метрото и врз основа на нив да се направи нов план и проект „во кој ќе бидат вклучени сите релевантни научни и стручни институции“. Комисијата на собранието на Белград, задолжена за метрото, ги отфрли тие забелешки како „неосновани“.
Според најавите на надлежните, првата линија на метрото во Белград треба да биде завршена до 2028 година.