На повеќе локации на Шар Планина, кои се појдовна точка за планинарски и велосипедски тури, има диви депонии. Туристичките работници велат дека срамот е најголем пред странските туристи на кои мора да им објаснуваат зошто нивната авантура на убавата Шар Планина започнува со ѓубре
Слично е и во Охридско. Таму активистите на здружението „Еко-фап“ со јажиња извлекуваат кабаст отпад од провалии во кои го фрлаат несовесни граѓани
Попова Шапка е името на врвот и на туристичкиот центар на една од најживописните планини во земјава – Шар Планина. Но, зад убавото лице што со векови го формирала природата, се крие грдо лице што го создал човекот.

„Се наоѓаме непосредно над викенд населбата „Попова Шапка“, појдовно место за голем број планинарски тури, како и велосипедски и џип-тури, води и кон едно од најпосетуваните места во Македонија и на Шар Планина, тоа е „Лешница“. Ова место се претвори полека во дива депонија на која се фрла отпад и градежен шут од правењето на викендичките во викенд населбата“,
вели Методи Чилиманов – водич во планина, сопственик на „SharOutdoors“.

Методи Чилиманов е водич на планина и сопственик на компанија за авантуристички туризам. Со него тргнавме со велосипеди по истата патека по која тој тргнува кога на Шара носи групи туристи, најчесто странски. Го опишува чувството кога мора да им објасни зошто нивната авантура на Шар Планина почнува со ѓубре.
„Кога излегуваме од викенд населбата, прва не удира оваа слика и се обидуваме да ги заговориме луѓето, да им објаснуваме други работи за да го оттргнеме вниманието од ова, но секако тоа е многу тешко, бидејќи самата депонија расте се повеќе и повеќе“,
вели Чилиманов.
Според него, причината е комбинација од слаба контрола од надлежните и ниската свест на некои граѓани.
„Истите тие луѓе, коишто престојуваме тука, го правиме ова, ваква депонија. Си ја носиме некултурата тука на планина. Никому не би можело ова да му биде пријатно. Никому не би можело ова да му се допаѓа па да биде нешто што намерно би го правел. Едноставно, веројатно е најлесниот начин или нема избор. Пак ќе кажам, доколку се создаде некој вид на систем, имаме избор да го однесеме на друго место, верувам дека би имало тука и блокада, би имало тука контрола и верувам дека тоа ќе се случи брзо. Стварно не верувам дека некому ова му е пријатно“,
додава тој.
Дека вината не е само кај несовесните граѓани сведочи влезот во туристичкиот центар. И тие што си го оставаат отпадот на место, во контејнерите на тетовското комунално претпријатие, потоа уште долго можат да си го гледаат фрленото.

На Попова Шапка тренира алпинистката од Косово Ута Ибрахими. Таа е првата жена Албанка која се качила на врвот Монт Еверест и првата жена од Балканот која искачила 6 врвови повисоки од 8 000 метри.

„За нас како посетители влезот на оваа мала населба е ѓубрето и веднаш се создава лош впечаток. Покрај тоа што имаме ваква убава планина, кога гледаш ѓубре на влезот на планината тогаш веднаш ти се создава лош впечаток дека освен што локалните жители не го чуваат местово, во исто време и локалната власт не се ангажира за да го исчисти или да го одржува или да направи кампања за да ги едуцира локалните жители“,
смета Ута Ибрахими – алпинистка од Косово,
Не се само преплавените контејнери и дивата депонија, ѓубре има буквално насекаде. Дел од хотелиерите тврдат дека низ годините се обидувале да најдат решение во соработка со надлежните, но велат, очиледно, досега не е направен вистинскиот потег. За нив, прогласувањето на Шар Планина за национален парк и развојот на туризмот не одат заедно со ѓубрето.

„Туризмот и ѓубрето се најголеми непријатели што постојат. Првиот предизвик што треба да се направи е комуналните органи, дирекцијата на Шар Планина која е надлежна за Националениот парк, ние хотилерите, земјоделците, сточарите – ние сме тие што во моментов ја правиме новата историја на регионот. Затоа треба да бидеме претпазливи со ѓубрето“,
смета Хашим Асани – хотел „Скардус“.
„Тргнуваме кон ‘Лешница’, од вашата лева страна – депонија“
Појдовна точка за многу планинарски тури се и шарпланинските села. Меѓу нив е Вејце. Овде природата во есен е вистински уметник, но само на падините што не се населени. Штом се дојде до куќите, сликата веднаш е поинаква.
„Дефинитивно дека сликата е, да кажеме, страотно, тоа можеби е прегрубо, но навистина имаме ѓубре. Не е некое ѓубре кое не може да се реши, добро е што може да се реши. Го имаме насекаде. Најчесто е во руралните средини кои обично се стартни позиции за планинарски тури кон одредена дестинација“,
вели Јован Божиноски – претседател на ПК „Љуботен“.
Јован Божиновски, кој е планинар и професионален водач на планина, смета дека во дел од шарските села проблемот се јавува поради немањето организиран систем за собирање отпад, па тој се фрла на селското ѓубриште.

„Треба да има канти за отпад и место кадешто ќе треба да се фрла тој отпад, тоа е едната работа. Така, полека, кога низ генерации ќе се научи локалното население дека треба отпадот да се фрла тука, кога ќе има можеби еден задолжен човек од тоа место да биде одговорен за да ги насочува луѓето и да им објаснува зошто тоа се случува, така сето тоа може да се организира – тоа е она што после генерации, нормално еден период треба да помине, ќе јави со резултат и нема да ни се случува она што ни се случува подлабоко во планините“,
додава Божиновски.
„Еко-фап“: По една еко-акција може да се опреми со стар мебел цела зграда

Овие две противпожарни возила и стариот камион „фап“ се на здружението „Еко-фап“ од Охрид. Неговите активисти, повеќето бродари и капетанот на охридската капетанија кој е претседател на здружението, помагаат при гасење пожари, миење јавни површини, а прават и еколошки акции.

„Често добивавме забелешки од туристите дека навистина Охрид е едно од најфасцинантните места коишто ги виделе, дека по многу карактеристики, по многу факти Охрид е уникатен град и по својата историја, климатолошките фактори и самата природна убавина и уникатноста на Охридското Езеро, меѓутоа често доаѓаа забелешки дека навистина можело повеќе да се преземе околу екологијата“,
вели Горан Устијановски – претседател на здружение „Еко-фап“ – Охрид.
Затоа, ова друштво тргна уште еднаш да ја наполни приколката на „фап“-от со ѓубре. Овој пат акцијата ја изведоа на Галичица во провалија на патот кон селото Велестово.

„Ништо не ни е тешко, зашто сето ова го правиме од љубов. Сите меѓу нас ние се сакаме, се дружиме, ние сме стари пријатели, роднини, ништо не ни претставува тежина. Нас ни е тешко кога ќе го гледаме нештото, а не кога ќе го работиме. Тешко ни е зашто ги знаеме и дел од населението коишто предизвикуваат депонија да има тука. Жално е некој кога имал пари да реновира во својот дом, не знам колку илјадници денари или евра, да не може за илјада денари на депонија да биде изнесен отпадот“,
вели Игор Јовчески – одновач на здружението „Еко-фап“ – Охрид.
Акцијата личи на алпинизам. Со јаже во провалијата се спушта човек, а нагоре се влечат „спомени“ од реновирањето на нечиј дом.

„Сѐ. Сѐ што ќе замислите, што има по дома, од техника, од мебел, од санитарија, сѐ што мислите и што немате замислено сѐ може да се најде тука.“
– Една цела куќа може да се опреми со ова денеска што со собравте?
„Зграда. Зграда стамбена. Ако има некаде таков туризам, за ѓубре, тогаш можеме да ги онесеме, имаме доста такви локации овде на кои може тоа да се покаже на туристите.“
– Ама вие не развивате таков туризам.
„Никако. Тоа нам не ни е од полза“,
вели Стефан Стефаноски – активист на здружение „Еко-фап“ – Охрид.
На крајот составија дневна соба, иако имаше елементи за повеќе од тоа. Активистите на „Еко-фап“ се ретка светла точка и надеж дека ќе проработи свеста кај населението и надлежните за општото, а не само за личното добро, макар во туристичките места.