На заедничката прес-конференција претседателот Пендаровски рече дека веродостоен тест за кредибилитетот на процесот на проширувањето е претстојниот Совет за општи работи на ЕУ
Двајцата претседатели зборувале и за проблемите со мигрантите на границата со Белорусија со кои во моментов се соочува Полска. Пендаровски изрази целосна солидарност и поддршка за надминување на ситуацијата и рече дека за нас како држава, целосно се неприфатливи постапките на белоруските власти
Се надевам дека новоформираната влада во Бугарија ќе има поконструктивна позиција, став во поглед на пристапувањето на Република Северна Македонија во ЕУ. Доколку Бугарија и понатаму реагира неконструктивно, односно каже „не“ за влезот на Северна Македонија јас лично ќе истапам и ќе се заложам за изготвување документ за полесно да се справите со прашањето за влез во ЕУ, вели полскиот претседател Анджеј Дуда, кој е во дводневна официјална посета на земјава.

„Република Бугарија е сè уште во изборен процес и сè уште новата влада таму не е формирана и се очекуваат во наредниот период резултати од целиот тој изборен процес. Се надевам дека новоформираната влада во Бугарија ќе има поконструктивна позиција, став во поглед на пристапувањето на Република Северна Македонија во ЕУ. Во овој момент би сакал да кажам дека Полска ја дава безрезервната поддршка на Република Северна Македонија за влез во ЕУ и овде би сакал јавно да изјавам дека доколку Република Бугарија и понатаму реагира неконструктивно односно каже ’не‘ за влезот на Северна Македонија јас лично ќе истапам и ќе се залагам за изготвување на некој патоказ односно документ којшто ќе послужи на РСМ полесно да се справи со ова прашање во влез во ЕУ“,
рече Дуда на новинарско прашање на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот домаќин Стево Пендаровски.
Токму европските интеграции биле една од клучните теми на средбата на двајата претседатели, за што Пендаровски рече дека Полска отсекогаш била гласен поддржувач на Северна Македонија и покажува големо разбирање за позицијата во која се наоѓаме.

„Во овој контекст потенцирав дека веродостоен тест за кредибилитетот на процесот на проширувањето е претстојниот Совет за општи работи на Европската Унија во декември и можноста да направиме исчекор на патот кон ЕУ. Поддршката за деблокада на нашите евроинтеграции е од исклучителна важност за стабилноста и за просперитетот на целиот регион и е дополнителен поттик за реформските процеси. Затоа, во разговорите се осврнавме и на прашања кои се однесуваат на актуелната ситуација во регионот на Западен Балкан, и во таа прилика ги споделив со претседателот Дуда нашите гледишта во врска со регионалните предизвици и отворени прашања“,
рече Пендаровски.
Одговарајќи на новинарски прашања, претседателот рече и дека независно дали ќе направат Влада или не во Софија, тој е претпазлив реалист.
„Толку многу пати се изгоревме чекајќи од Софија да се дигне неразумната блокада што јас би почекал навистина да видам со кого конкретно утре, задутре и по 21-ви ќе разговараме не само на претседателско ниво, туку и на нивно на Министерство за надворешни работи кои де факто и досега ги водеа разговорите“,
кажа Пендаровски.
Тој не сакаше да ги коментира изјавите кои доаѓаат од бугарска страна бидејќи, како што рече, доаѓаат од луѓе кои во моментот се уште немаат целосен полтички легитимитет.
„Станува збор за изјави, од која било страна да доаѓаат, дали од техничкиот министер за надворешни работи или од кандидатите на претседателските избори или оние кои би требало да ја формираат идната влада, а не знаеме дали ќе успеат да ја формираат. Тоа се изјави на луѓе кои или немаат целосен политички легитимитет или станува збор за кандидати кои допрва треба да станат членови на владата или да формираат органи на власт во Софија“,
вели Пендаровски.
Покрај за евроинтеграциите, и на средбата и на прес-конференцијата на Пендаровски и Дуда стана збор и за состојбата на полската граница.
„Разменивме мислења и информации за актуелната состојба на полско-белоруската граница, при што на претседателот Дуда му ја изразив нашата целосна солидарност и поддршка за надминување на оваа ситуација. Потврдив дека за нас, како држава, се целосно неприфатливи постапките на раководството на Белорусија со кои се оркестрира оваа хуманитарна криза. Продолжуваме да ја разгледуваме ситуацијата во рамките на НАТО и повикуваме на итно запирање на сите активности насочени кон натамошна дестабилизација на ситуацијата на границата на нашите сојузници Полска, Литванија и Латвија“,
рече Пендаровски.
Дуда, пак, нагласи дека факт е оти во моментов се случува хибриден напад на границата на Полска која е и граница на НАТО.

„Нападот е насочен кон полската граница којашто имаме должност да ја обезбедуваме, но и секако да ја одбраниме територијата на Република Полска од нелегалната миграција. Ги правиме сите наши напори во поглед на тоа прашање и секако дека е од огромно значење поддршката којашто ја добиваме од ЕУ и од НАТО којашто и понатаму очекуваме да ја добиваме. Исто така во моментов би сакал да искажам и благодарност до претседателот Пендаровски за неговото разбирање за овој клучен проблем со којшто во моментов се соочува мојата држава“,
рече Дуда.