Пратеникот на Алтернатива најави дека неговата партија деновиве ќе одлучува која од двете опции е подобра за државата и за граѓаните, наспроти партиските интереси
Пратеникот Скедер Реџепи од Алтернатива смета дека дека од денеска има две опции за понатамошниот развој на политичката ситуација во земјава: Сите политички чинители да седнат и консензуално да го донесат буџетот за следната година, па да одат на брзи парламентарни избори или да се прошири и консолидира мнозинството во парламентот.
Тој најави дека органите на Алтернатива деновиве ќе одлучат која од двете опции е подобра за државата и за граѓаните, наспроти партиските интереси.
„Ние сме политичка партија која е многу совесна со сите начела и политички предизвици што доаѓаат. Вчера не знам што се случи, иако требаше да падне власта. Се случи нешто што можеби демократски е неочекувано, но настаните беа такви какви што беа и денешниот ден државата го почна со една тешка политичка криза, во која нѐ очекуваат уште потешки времиња, особено месецов што доаѓа, со тоа што доаѓаме пред два големи предизвика. Едниот е дали како држава или сите политички чинители да седнеме и консензуално да го донесеме буџетот, па да одиме на брзи парламентарни избори или да се прошири мнозинството. Овие денови партиските тела ќе седнат на состаноци и ќе одлучат кои од двете опции е подобра за државата, граѓаните, ставајќи ги нив прв план, а дури потоа партиските интереси“,
изјави Реџепи.
Според пратеникот на Алтернатива, пред партијата да донесе каква било одлука ќе се разгледаат многу фактори, но меѓу најважните, како што рече, меѓународниот фактор, но има и внатрешни фактори со кои треба да се координираат.
„И за брзи избори, па и за зголемување на парламентарното мнозинство, одлуката ќе биде донесена согласно сите фактори и чинители во државата и со меѓународната заедница, без некои конкретни гаранции, бидејќи гаранциите не се чинители, туку чинители се начинот на кој ние комуницираме со сите“,
рече Реџепи.
За да има условно кажано брзи избори, опозицијата, според него, треба да помогне буџетот да помине со консензуален договор.
Пратеникот Реџепи не знае каде е или каде бил неговиот колега од Беса, Кастриот Реџепи, но смета дека за тоа што се случи вчера некој мора да сноси одговорност, како што вели, или Реџепи или власта.
„За мене лично, како човек, тоа беше потег кој не ѝ оди на чесна власта или, пак, нему. Некој мора да сноси одговорност за начинот како е претставена демократијата во Македонија вчера. Или тој или власта. Ако тој имал став дека не сака да го поддржи ова мнозинство што ние го имавме вчера требаше на прес-конференција утрото или ден порано да излезе и да каже ‘го повлекувам потписот и не ја поддржувам иницијативата’. Немаше потреба да предизвика демократска неправда или демократска криза во државата. Некој ќе сноси одговорност или тој или тие што дозволија вака да се развива ситуацијата“,
рече Реџепи.