Јас сум со ЕУ и НАТО, а не со анти-Aлбанците. Ви го зборувам ова со чиста совест, а штом ги одминам ризиците кои ми доаѓаат како закана од некои индивидуи, ќе одговарам и на сите прашања на медиумите, вели во видеообраќањето Реџепи
Кастриот Реџепи, пратеникот на Беса кој денеска не се појави во Собранието и со тоа не обезбеди кворум за да се одржи седницата на чиј дневен ред е иницијативата за гласање недоверба на Владата, попладнево се јави со слика и глас, на својата фејсбук-страница. Во кусото обраќање, тој прво се заблагодарува на сите за поддршката, а на лидерот на Беса, Касами, и како што вели на другите, им порачува да не се грижат за него.
„Ви благодарам на сите за поддршката. Стабилноста и безбедноста на државата, како и мирот и благосостојбата на нашиот народ мора да ни бидат најважни од се. Билал Касами и другите, да не се грижат за мене. Јас сум на сигурно, на вистинската страна, на страната на албанскиот народ и на страната на сите граѓани во Северна Македонија кои сакаат мир, стабилност и демократија. Јас сум со ЕУ и НАТО, а не со анти-Aлбанците. Ви го зборувам ова со чиста совест, а штом ги одминам ризиците кои ми доаѓаат како закана од некои индивидуи, ќе одговарам и на сите прашања на медиумите. До тогаш, да живеат слободата и демократијата. Да живеат Албанците, Македонците и сите други граѓани на Северна Македонија“,
вели Реџепи.