Лидерот на АА вели дека во секој момент до полноќ може да продолжи собраниската седница за недоверба на Владата, кога ќе се создадат услови за тоа
Собраниската седница за гласање недоверба на Владата не е завршена сѐ додека не се обезбедат 61 пратеник и до полноќ во секој момент таа може да продолжи, кога ќе се создадат услови за тоа, порача денеска лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, неколку часа по почетокот на денешната собраниска седница на која опозицијата нема кворум ниту за усвојување на дневниот ред.
„Ова што се случува денеска е доказ на тоа што го кажав дека Владата паѓа и дека најпосле граѓаните ќе бидат ослободени“,
рече Села.
Села изрази сомнеж дека пратеникот од Беса, Кастриот Реџепи, против своја волја не дошол во Собранието.
„Ние сме загрижени што имаме само фејсбук-статус, а немаме глас од пратеникот ниту го гледаме некаде физички присутен. Не можам да кажам дали е безбеден или не е. Самиот факт дека денеска се зборува за пратеник кој е претставник на народот, а немаме физичко присуство или во Собрание или каде било да дава изјава, мислам дека тие што се сметаат себеси за хумани луѓе треба да речат пред да зборуваме за влада да видиме дали е безбеден човекот. Сите тие што аплаудираат на ваквиот развој на настаните, мислам дека кај нив нема ништо хумано. Моето очекување е дека пратениците треба да одлучат според своја волја, да не бидат уценувани, ако има уцени, не можам со сигурност да го кажам ова. Еве, да прашам, дали вие немате никакво сомнение што се случува, во моментов кога имаме само една Фејсбук-изјава и не гледаме некој да се изјасни за тоа со физичко присуство. Во моментов е најважно сите, па и господинот Реџепи да биде безбеден“,
порача Села.