Ферламб беше снимен како вика по полицајците пред да турне еден од нив и да го удри со тупаница по лицето. Тој ја призна вината во август

Американецот Скот Ферламб, кој беше снимен како удира полицаец за време на нападот на американскиот Капитол на почетокот на оваа година, доби затворска казна од 41 месец.
Тоа, како што пренесуваат американските медиуми, е најстрогата казна изречена досега во кривични случаи покренати откако приврзаниците на поранешниот претседател Доналд Трамп го нападнаа Капитол на 6 јануари оваа година, не прифаќајќи го неговиот изборен пораз.
Американскиот окружен судија Ројс Ламберт ја наведе сериозноста на однесувањето на сопственикот на фитнес-центарот во Њу Џерси, Скот Ферламб, како отежнувачка околност при изрекувањето на казната.
Ферламб беше снимен како вика по полицајците пред да турне еден од нив и да го удри со тупаница во лицето. Тој ја призна вината во август.
Судијата истакна и дека оваа казна ќе биде пример за повеќе од 120 лица обвинети за напад на полицијата за време на нападот на Капитол од страна на илјадници поддржувачи на Трамп.
Во немирите од 6 јануари еден полицаец, кој беше нападнат од демонстранти, почина еден ден по немирите, а четворица полицајци вклучени во одбраната на Капитол подоцна си го одзедоа животот. Повредени беа околу 140 полицајци.