Комисијата за заразни болести ќе одржи состанок в петок, а воведувањето евентуални нови мерки ќе зависи од притисокот врз болничкиот систем и опфатот на вакцинација, рече Филипче
Здравствените власти засега не размислуваат за воведување на евентуални нови рестриктивни мерки за спречување на ширењето на ковид-19. Министерот за здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција рече дека главен индикатор за тоа дали се неопходни нови рестрикции ќе биде притисокот врз болничките капацитети.
Министерот рече дека Комисијата за заразни болести ќе одржи состанок в петок. На состанокот ќе бидат слушнати предлозите и согледувањата по последните анализи на ковид-состојбата во земјата, но Филипче лично смета дека нови рестриктивни мерки не се потребни. Вели дека клучно е да се зголеми процентот на вакцинација и да се почитуваат превентивните мерки – носењето заштитни маски и одржувањето дистанца.
„Сметам дека треба целокупните процеси да продолжат со превентивните мерки и инсистирање на механизми да се зголеми процентот на вакцинација. Во земјите во кои е висок процентот на вакцинација, а има нови бранови, таму болниците не се оптоварени. Така и кај нас еден од главните критериуми за евентуални нови рестриктивни мерки ќе биде ризикот по болничките капацитети. Доколку е голем опфатот на вакцинација и има нови случаи, очигледно е дека тие ќе бидат со полесна клиничка слика. Сега главниот притисок во болниците го прават невакцинираните пациенти. Тој процент во болниците варира од 75 до 80 отсто кои не се вакцинирани. Значи спасот е во вакцинација и почитување на мерките“,
рече Филипче.
Филипче рече дека досегашните искуства покажале дека со нови рестрикции не може да се спречи ширењето на вирусот бидејќи е широко распространет. Вели дека засега не се размислува за задолжителна вакцинација, а за какви било други мерки,повтори дека еден од главните индикатори ќе биде оптовареноста на болничкиот систем.
„Целиот свет учи од претходните бранови. Карактеристично е што ниту еден бран не е сличен со претходниот има многу фактори што влијаат, видовме многу мерки кои не дадоа ефект како забрана за премин на граница, влез од одредени земји кои не спречија бранови во земјите каде се имплементираат тие мерки. Или задолжителни сертификати на границите на почетокот на летото кои не спречија нов бран во Грција, на пример, каде што има строги мерки. Тешко се застанува на патот на вирусот со рестриктивни мерки и тоа е една од лекциите што целиот свет ги научи и затоа сметам дека правецот во кој треба да одиме се темели на два принципи – вакцинација и маски и дистанци. Нема рестрикција што може да помогне кога вирусот е секаде низ светот широко распространет. Може да се даде некаква мерка рестриктивна тоа не е спорно, ама дали ќе има ефект? Така што зголемување на опфатот на вакцинација и почитување на превентивните мерки сметам дека е нешто на каде што треба да оди целиот свет и сите мерки кои се препорачуваат во целиот свет. Гледаме дека никој веќе не размислува за некаква форма на рестрикции“,
рече Филипче.
Министерот информираше и дека денеска е испратено писмо до сите матични лекари да ги повикаат своите невакцинирани пациенти.
„Со членовите на Комисијата сме во континуирана комуникација и во периодот додека беше ситуацијата прилично мирна. Освен размена на информации, така се евалуираше и потребата за официјален состанок. Во петок ќе има состанок согласно новите анализи. Во однос на мерките, ќе ги слушнеме предлозите и согледувањата. Јас сметам дека треба да продолжат превентивните мерки и да се зголеми процентот на вакцинација. Денеска испративме писмо до сите матични лекари да ги повикаат своите невакцинирани пациенти“,
рече Филипче одговарајќи на новинарски прашања.