Владата на седница во изборниот молк, на 30 октомври, донесе Уредба за прогласување кризна состојба при недостиг на електрична енергија која, како што рекоа од Министерството за економија, е со цел усогласување со одредбите на Законот за енергетика

Министерот за економија Крешник Бектеши утре попладне до Владата ќе достави барање за прогласување енергетска кризна состојба, објави Алсат ТВ.
Во емисијата „Економски магазин“ на Алсат ТВ, која ќе се емитува вечерва во 22 часот, министерот уверува дека рестрикции со струја нема да има. Бектеши вели дека Владата ја следела состојбата и засега кризата е под контрола.
„Секој член на Владата имаше информации, имаме постојано средби со сите раководители на енергетските компании во Северна Македонија, но важно е да се истакне фактот и на граѓаните да им биде јасно дека рестриктивни мерки во однос на снабдување со електрична енергија моментално не се предвидуваат, иако направивме измена во уредбата која предвидува прогласување кризна состојба“,
вели Бектеши.
Владата на седница во изборниот молк, на 30 октомври, донесе Уредба за прогласување кризна состојба при недостиг на електрична енергија која, како што рекоа од Министерството за економија, е со цел усогласување со одредбите на Законот за енергетика.
„Уредбата за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во случаи на временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазарот на електрична енергија, начинот на снабдување со електрична енергија во кризна состојба, мерките кои се преземаат во случај на кризна состојба, како и правата и обврските на носителите на лиценци за вршење на електроенергетски дејности, којашто е објавена во Службен весник е донесена со цел усогласување со одредбите на Законот за енергетика, согласно кој пазарот на електрична енергија е целосно отворен и има повеќе учесници на пазарот, како на пример, Оператор на пазар – МЕМО ДООЕЛ“,
велат од Министерството за економија.
Во опфатот на оваа Уредба, додаваат, се определени и правата и обврските на учесниците на пазарот во услови на кризна состојба и се вклучени сите учесници на пазарот, а не како претходно само државните енергетски компании.
„Претходната уредба беше донесена во 2012 година и во неа не беа усогласени новите одредби за пазарите на електрична енергија. Континуирано ја следиме состојбата во електроенергетскиот сектор, во моментов има доволно количество на електрична енергија, до крајот на годината нема да има зголемување на цената на струјата за домаќинствата“,
потенцираат од Министерството за економија.