Од СДСМ велат дека советничките листи на партиите од владината коалиција на изборите освоиле 19 090 гласа повеќе од тие на опозициските партии или изразено во бројот на советници разликата е 61 во корист на партнерите во актуелната влада
СДСМ и владината коалицијата освоија повеќе гласови за советници од опозицијата, парламентарното мнозинство нема да гласа за брзи предвремени избори бидејќи државата е поважна од разулавеноста на Мицкоски, одговараат од владејачката партија откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција побара брзи парламентарни избори.
Од СДСМ велат дека се потврдило оти најавите за ново мнозинство од Христијан Мицкоски се нереални и нечесни, а пренесуваат и пресметки за освоените гласови за советничките листи.
„Го лажеше Мицкоски народот до само пред три дена дека има ново мнозинство и еве ја вистината јавноста ја гледа денеска. Кога ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се повикуваат на изборните резултати, еве им ја математиката. Партиите од владината коалиција на советничките листи овие избори освоија над 419 180 гласови, што е за 19 090 повеќе од гласовите на партиите од опозицијата. Или изразено во освоени советнички мандати, СДСМ и владината коалиција имаат 664 советнички места, што е 61 повеќе од советничките места кои ги освоија ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата“,
велат од СДСМ и уште еднаш порачуваат дека парламентарното мнозинство е стабилно.
Од партијата додаваат дека во име на граѓаните кои гласале за партиите на владејачките партии и во име на нужноста земјата да продолжи напред со справување со предизвиците, нема да ја става државата на ризик и нема да гласа за брзи предвремени парламентарни избори.
„СДСМ, коалицијата и демократското мнозинство граѓани нема на бранот на еуфоријата да му дадат на Мицкоски поголема власт од оваа која ја освои на локалните избори. Државата е многу поважна од разулавеноста на Мицкоски и неговата желба за власт. На граѓаните им е потребна Влада која испорачува резултат, особено во време на пандемија и енергетска криза, Влада која има евроатлантски курс на дејствување и која нема да го закочи евроинтегративниот процес. СДСМ и коалицијата нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски да го поништуваат Договорот од Преспа, да не втурнат во нови кавги со Грција и другите соседи, да не внесат во конфликт и внатрешна омраза и да поништат сè што постигнавме заедно во овие четири години“,
пишува во реакцијата на СДСМ.
Мицкоски претходно побара итни предвремени избори бидејќи, како што рече, Владата е целосно делегитимирана и нејзините политики го немаат кредибилитетот меѓу народот.
Првата опција за формирање ново парламентарно мнозинство и влада, кажа тој, нема да ја даде потребната енергија.
„Нема да даде ни нова енергија потребна за реформите. Тоа само ќе нè внесе во нови разговори, преговори и слично кои ќе го разводнат капацитетот за управување со институциите и ќе се креира погрешна слика која нема да ја отсликува волјата на народот“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
На прашањето зошто се откажал од формирање ново парламентарно мнозинство, кое долго време го најавуваше, тој одговори дека ново мнозинство е потребно за распишување нови избори.