Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека тоа што се случува во дел од советите во општините е последица на неусогласеност на Уставот и законите, но новото име име, вели тој, е реалноста во која функционираме. Кога ќе дојдеме на власт, рече Мицкоски, ќе работиме тоа да го промениме
Одговарајќи на новинарски прашања, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека новото уставно име е реалност и ако не се почитува може да се случат проблеми во административното функционирање на државата. Кога ќе дојдеме на власт, рече тој, ќе работиме тоа да го промениме.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека тоа што се случува во дел од советите во општините, каде што свечените изјави се даваат со старото уставно име на државата „Република Македонија“, е последица на неусогласеност на Уставот и законите, но новото име име, вели тој, е реалноста во која функционираме.
„Тоа што се случува во советите е резултат на неусогласеност на законите со Уставот. Законот за локална самоуправа, за жал, не е усогласен со Уставот и уставните измени и тие изјави што ги даваат идните советници се такви како што се. Дали некој сака од тоа да направи дефокус од главната тема, а тоа е оставката на Зоран Заев и падот на оваа влада, е друга тема“,
рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарски прашања околу оваа тема, тој кажа дека новото уставно име е реалност и ако не се почитува може да се случат проблеми во административното функционирање на државата. Кога ќе дојдеме на власт, рече тој, ќе работиме тоа да го промениме.
„Доколку ме прашувате дали е реалност, па ние функционираме во оваа реалност. Оваа партија има пратеници во рамките на Собранието, потпишале изјава тие пратеници со новата придавка која ја донесе таа нова реалност. Зоран Заев ја донесе таа нова реалност и ние сме се произнеле за тоа многу пати во минатото. Еве и дел од градоначалниците кои се избрани, се произнесоа. Дали таа реалност ни се допаѓа? Не, не ни се допаѓа. Но, доколку не се почитува таа реалност во рамките на административното функционирање на тие институции тогаш ќе имаме проблем со други инстанци како што е обвинителство, судство итн. Дали ќе работиме таа реалност да се промени еден ден кога ќе имаме можност? Јас ви кажувам, да ќе работиме, но во моментот таа е реалноста во која функционираме сите ние како жители во Македонија и таа е болна, понижувачка за сите нас кои ја чувствуваме Македонија како наша татковина“,
изјави Мицкоски.
Ова прашање се актуелизираше во јавноста откако на конститутивните седници во општините Штип и Аеродром, каде победи ВМРО-ДПМНЕ, новите советници потпишаа изјави со „Република Македонија“.
Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, вчера во изјава за медиумите призна дека има неусогласеност на законот со Уставот, а законските измени рече дека не биле доставени до Собранието затоа што за нивно усвојување е потребно двотретинско мнозинство што во моментов тешко може да се обезбеди.
„И во тие заклетви тие кажуваат дека ќе се водат и ќе работат согласно Уставот и законите, а во овој случај тие уште непочнати да работат го кршат Уставот и тоа не е добро. Јас можам да ги охрабрам и понатаму ако сакаат нека си работат вака, меѓутоа паушалот што ќе го добијат од Северна Македонија нека го враќаат, ако се толку доследни и сакаат нешто да прават еве нека ги враќаат паушалите бидејќи не им доаѓаат од Република Македонија туку од Северна Македонија“,
изјави вчера Милевски за ТВ Телма.
Вчера реагираше и Министерството за надворешни работи (МНР) потсетувајќи дека сите државни институции и единици на локалната самоуправа се должни да го почитуваат Уставот на Република Северна Македонија и да ги усогласат сите акти кои ги донесуваат со Уставот.
„Имено, секаде каде што името Република Македонија е наведено во законите и подзаконските акти на државните органи и единиците на локалната самоуправа, вклучително и во свечената изјава, од денот на влегување во сила на горенаведените акти се користи уставното име Република Северна Македонија“,
рекоа од МНР.
Изјави пристигнаа и од грчка страна. Шефот на грчката дипломатија, Никос Дендијас, вчера порача дека договорите мора да се почитуваат без разлика на тоа кој ги сочинува владите.