Оставката на Зоран Заев е лоша вест за Брисел, анализира германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“. Весникот прогнозира дека Никола Димитров е кандидат за технички премиер на новата влада
„Клучно за мандатот на Заев не беше само тоа што му успеа, туку многу повеќе, тоа што му беше ускратено. На Заев му успеа да постигне компромис со Грција и да го смени името во Северна Македонија со еден храбар и одважен внатрешно-политички маневар. Но неговата храброст не беше наградена, или во најмала рака само со утешната награда за членство во НАТО. Неговата главна политичка цел, почетокот на преговорите со ЕУ, Заев ја пропушти. Тоа не беше негова вина, напротив. Случајот на Заев е школски пример за регионот. Веројатно премиерот на Северна Македонија во заминување ќе биде последниот премиер во регионот кој беше подготвен, за т.н. европска перспектива на неговата земја, да презема огромни политички ризици врз себе“, пишува германскиот весник во анализата што ја пренесува Дојче веле.
Понатаму весникот заклучува дека поразот на Заев може да се смета и за пораз на ЕУ и на нејзината досегашна политика на проширување на Балканот.
„Поразот на СДСМ на локалните избори, како и фактот дека ДУИ го загуби Тетово, заокружено со оставката на Заев, остава малку шанси дека актуелната влада ќе издржи до редовниот термин за парламентарни избори во 2024 година“,
пишува понатаму ФАЦ, и потсетува на тенкото мнозинство од 62 пратеници во парламентот на „хетерогената коалиција”.
Тоа, се вели во анализата, може да ја врати на власт националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
„Доколку дојде дотаму, тоа ќе значи крај на една политичка епизода на Балканот, која има големо значење и за прашањето за тоа каква улога игра ЕУ во регионот и на кој начин може да ги наметне своите интереси наспроти актери како Русија или Кина”,
заклучува германскиот весник.
Во текстот се споменува дека поразот се поврзува со лошото локално раководење во „комбинација со неспособност и ароганција“, но се додава дека поразот не може да се гледа само низ призмата на лошата локална политика.
„Тој е дел од еден поширок развој. Доколку ЕУ ги исполнеше ветувањата кон Заев, и Северна Македонија ги започнеше преговорите за членство, атмосферата во земјата веројатно ќе беше поинаква”,
констатира ФАЦ.
Никола Димитров- технички премиер?
Во однос на идниот развој на ситуацијата во земјата, ФАЦ проценува дека се можни три сценарија: актуелното мнозинство да продолжи да владее со нов премиер; да се формира техничка влада која на одреден период би ја предводела земјата. За втората варијанта, весникот пишува дека кандидат за премиер е поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Третата варијанта се предвремени избори, кои според ФАЦ, ги турка лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
„Во која насока ќе се развива Северна Македонија предводена од Мицкоски, не е јасно. Формално, ВМРО не ја отфрла целта за членство во ЕУ. Но, во годините на владеењето на Груевски земјата систематски се оддалечуваше од ЕУ. ВМРО не ја признава ниту промената на името, а нејзините политичари и натаму земјата ја нарекуваат Македонија. Тоа може одново да предизвика проблеми во односите со Грција“,
пишува весникот.
На крајот, ФАЦ заклучува дека единствено од целата ситуација е сигурно дека обидот на Зоран Заев, да ја усогласи целата политика со ЕУ во надеж дека ќе добие барем почеток на преговори, не успеа и дека со сигурност никој на потегот меѓу Белград и Тирана во иднина нема да го следи.