ЛДП и ДОМ на локалните избори излегоа со 18 кандидати за градоначалници и освоија 26 000 гласа од граѓаните и едно градоначалничко место, и тоа во Шуто Оризари
Сите ни предвидуваа дека ќе завршиме како малите партии кои освојуваа по 3 000 гласа, а проценката е дека околу 30 000 гласачи се изјасниле за некоја од листите на ЛДП и ДОМ. Сметам дека направивме добар резултат, имаме инфраструктура, имаме идеологија и ја имаме довербата кај граѓаните, вели лидерот на ЛДП, Горан Милевски, чија партија иако дел од владината коалиција, на локалните избори настапи заедно со ДОМ со посебни листи.
„Сега сме на едно средно ниво на партија и пред нас се само Левица со некои 48 000 до 50 000 гласа. Ние со овие гласови се дефиниравме во коалицијата и сите оние места како министерски, заменички се заслужени. Сметаме дека сега малце повеќе треба да се слуша гласот на третата опција, на либералната, на зелената опција и да бидеме вградени во проектите на владата што ни недостасуваше, зошто практично бевме доведувани пред свршен чин за некои работи. Сметам дека е потребен партнерски односи и заеднички градење на политиките е она што го очекуваме од новата влада која од нас ќе добие уште една, последна шанса“,
рече Милевски во интервју за „Утрински брифинг“.
ЛДП и ДОМ на локалните избори излегоа со 18 кандидати за градоначалници и освоија 26 000 гласа од граѓаните. Освоија само едно градоначалничко место, и тоа во Шуто Оризари.
„Имаме чиста ситуација каде граѓаните и покрај притисоците и се што реално се прави кога населението е посиромашно има повеќе можност за влијание, но успеаја жителите да гласаат по сопствена волја и сопствено убедување и да го изберат Курто за градоначалник на таа општина. Од наша страна тој ќе има безрезервна поддршка и се надеваме дека ќе направиме многу проекти кои ќе ги подобрат условите за живот на граѓаните на Шуто Оризари. Ние и оваа година добивме проекти за таму, како министерство одвоивме средства, некаде околу 200 000 евра за реконструирање улици, водоводи, за канализација бидејќи тоа е она што им е неопходно на тие жители и тие да живеат еден пристоен живот и како и во сите други населени места во државата“,
рече лидерот на ЛДП.
За Битола, каде што Милевски беше кандидат за градоначалник, рече дека очекувале подобар резултат.
„Граѓаните ни упатија порака дека како Влада и дел од владината коалиција мора да работиме повеќе за битолчани да почувствуваат дека има промени во односот на Владата кон Битола“,
вели Милевски кој како кандидат за градоначалник на Битола не успеа да влезе во вториот круг.