Членот на ВМРО-ДПМНЕ за ТВ 24 вели дека за вчерашната постапка на советниците во Штип дознал од медиумите
Нашиот став како ВМРО-ДПМНЕ во однос на Преспанскиот договор не се променил. Преспанскиот за нас е завршена работа. Градоначалниците ќе потпишуваат документи каде што нема да биде возможно без придавката, но ќе има простор каде што ќе може да покажат пркос, вели Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „24 Анализа“ на ТВ 24.
Тој ги коментираше случувањата вчера во Советот на оОпштина Штип каде што советниците од ВМРО-ДПМНЕ потпишаа уверенија со името „Република Македонија“.
„За ова разбрав од медиумите, не знам што точно се случило. Од тоа што го прочитав, уверенијата така биле напишани. Не амнестирам некого од одговорност. Ако е така, мислам дека одговорноста треба да се види во општинската изборна комисија, затоа што Уверенијата ги издава комисијата, а не градоначалникот. Нашиот став како ВМРО-ДПМНЕ во однос на Преспанскиот договор не се променил. Преспанскиот за нас е завршена работа. Од друга страна, како на некој што му пречи придавката, ги разбирам и овие потези. Не го гледам како на нешто на што треба да му се дава преголемо значење, ниту да му се посветува преголемо внимание. Ако ова го гледаме како прекршување на Уставот, при промената на уставното име, зошто тогаш не го гледавме тоа како кршење на Уставот“,
кажа Јанушев.
На прашањето како ќе функционираат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставното име Република Северна Македонија, Јанушев вели ќе го прифатат каде што ќе мораат.
„Градоначалниците ќе потпишуваат документи каде што нема да биде возможно потпишување без придавката, но ќе има простор каде што ќе може да покажат пркос“,
рече Јанушев.
Освен во Штип, вчера Левица на својата фејсбук-страница објави дека и во Аеродром нејзините советници потпишале свечени изјави на кои стои името Република Македонија, наместо уставното име.
„Освен во Општина Штип, свечена изјава со правилното име – Република Македонија, беше потпишана и од страна на советниците на Левица во Општина Аеродром!… Меѓудругото, се бориме за сè помасовна употреба на уставното име усвоено со референдумот од 1991 година, коешто формално правно е, и мора да биде во употреба, бидејќи промената на името после неуспешниот референдум во 2018 е противуставна и спротивна на изразената волја на граѓаните!“,
се вели во објавата.