Откако партискиот лидер Билал Касами победи во Тетово, на неговото место во парламентот влегува пратеник од СДСМ, додека Беса останува со тројца пратеници
Беса останува со пратеник помалку во парламентот откако, на вчерашниот втор круг локални избори, лидерот на партијата Билал Касами е избран за градоначалник на Тетово – во втор обид против Теута Арифи, а откако тоа не му успеа во 2017 година.
Касами наскоро треба да ја преземе градоначалничката функција што автоматски значи престанок на неговиот пратенички мандат. На неговото место во парламентот, пак влегува Драгољуб Филиповски од СДСМ, од листата на коалицијата „Можеме“ во шестата изборна единица, чиј носител беше токму Касами на предвремените парламентарни избори минатата година.
Лани Беса влезе во предизборна коалиција со СДСМ, кога партијата освои четири пратенички места. Сега Касами заминува од парламентот, каде што, пак, остануваат неговите сопартијци Бастри Бајрами, Фадил Зендели и Кастриот Реџепи.
Со доаѓањето на новиот пратеник, пак, СДСМ, како партија ќе има 31 член во законодавниот дом.
На денешната координација во Собранието се разговарало дека согласно процедурата, треба да се почекаат официјалните резултати од ДИК, по што спикерот ќе ја свика седницата за верификација на мандатите на пратениците кои се следни на листата на политичките партии чии пратеници се избрани за градоначалници. Градоначалници станаа четворица пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и по еден од СДСМ и од Беса.
Беса вчера однесе уште една победа над своите коалициски партнери во Владата од ДУИ. Во Желино, Блерим Сејди од Беса го победи кандидатот за градоначалник од редовите на ДУИ.
,