Според Антикорупциската комисија, директор на Јавно претпријатие си обезбедил работно место во јавната администрација на истото претпријатие, така што по завршувањето на неговиот мандат како директор, би можел да се врати во институцијата како вработено лице
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) работи на предмет во кој директор на Јавно претпријатие се вработил себеси во истото претпријатие. Антикорупциската комисија најави дека ќе покрене иницијатива за кривична одговорност пред Јавното обвинителство за повреда на член 353 од Кривичниот законик, односно иницијатива за утврдување одговорност.
Пред новиот градоначалник и на новиот Совет на општината, ДКСК најави дека ќе достави иницијатива за одговорност на директорот и на в.д. директорот на Јавното претпријатие.
ДКСК порача дека документите кои им биле доставени недвосмислено упатуваат на планирано сценарио. Катица Николовска која е член на Антикорупциската комисија рече дека директорот за себе обезбедил корист на начин што си се вработил во јавната администрација, а в.д. директорот на ЈП и градоначалникот, користејќи ја својата функција и положба, обезбедиле корист за друго лице односно за актуелниот директор.
Николовска информираше дека директор на Јавно претпријатие користејќи ја својата положба како директор, обезбедувал услови преку објавување оглас за вработување на стручно лице во јавната администрација на ЈП, да си обезбеди за себе работно место, така што по завршувањето на неговиот мандат како директор, би можел да се врати во институцијата како вработено лице.
„Симптоматично беше што директорот на ЈП дава оставка од функцијата директор, се избира в.д директор, па понатаму оди конкурс за избор на јавни службеници, па по повторно оди конкурс за избор на директор. Сето тоа би било во ред доколку, како главна улога во сета таа постапка не е едно исто лице односно директорот во ЈП“,
рече Николовска, член на ДКСК.
По поднесената оставка, подвлече Николовска, градоначалникот на таа општина, согласно Законот за јавни претпријатија, од редот на вработените избира заменик директор и тој објавува конкурс за избор на стручно лице во јавната администрација, а условите и се други е предвидено со правилникот и со актите. Самата постапка нема слабости, потенцира таа, се е согласно законите и роковите, комисијата за селекција го избира кандидатот – директорот.
Извесно време по завршување на постапката на процедурата за избор на јавен службеник, се објавува конкурс за избор повторно на директор на ЈП, бидејќи в.д. е најмногу шест месеци. И сето тоа би било добро, наведе Николовска, доколку стариот директор, сега јавен службеник, не се јави како единствен кандидат за директор и градоначалникот го бира него повторно за директор на ЈП.
„Сето тоа е регистрирано во Агенција за вработување, актите се донесени, в.д. директорот повторно се вратил во редот на вработените во ЈП и што би рекле и волкот сит и овците на број, така што актуелниот директор кога ќе му престане мандатот, има можност да си се врати како редовен вработен во јавната администрација на ЈП“,
појасни Николовска.
Режирано и за срамота, филм за деца, рече членот на ДКСК, Нури Бајрами.
„Да се поднесе иницијатива за уште еднаш ова да не се повторува на ваков начин“,
додаде тој.