Максим Димитриевски, старо-новиот градоначалник на Куманово, вели дека на СДСМ му се потребни реформи и, во првичните реакции по вчерашната победа на изборите, не негира дека има и партиски амбиции
Ниту во еден момент не сум бил против партијата, бев против поединци кои ја имаа узурпирано, а секако, кога сте во политика, доколку немате амбиции, не ни треба да се занимавате со политика, одговори Димитриевски на прашањето дали има партиски амбиции во неговото гостување во „Утрински брифинг“.
Тој вели дека е член на СДСМ, а неговото исклучување од партијата било еднострано односно желба на поединци.
„Мој приоритет во моментов се кумановчани, проектите и развојот на градот, а во делот на политичките активности јас сум убеден социјалдемократ и мојот пат е во насока на социјалдемократијата. Сметам дека СДСМ била и мора да остане државотворна партија. Верувам дека нè очекуваат суштински реформи за да се надмине лукративниот и клиентелистички пристап и да се врати важноста на суштинско одлучување на членот бидејќи граѓаните испратија повеќе пораки на овие избори кои мора да се послушаат“,
рече Димитриевски.
Тој не сака да ја коментира оставката на Зоран Заев од лидерската позиција, но порачува дека се потребни структурни реформи и е уверен дека СДСМ ќе излезе од криза.
„Дефинитивно, последниот збор ќе го имаат и треба да го имаат членовите на партијата низ свои органи и тела. Потребна е суштинска и структурна реформа. Јас не сакам да ја коментирам оставката на Заев затоа што сè уште ги немам прочитано сите вести и изјави, дури ја немам ни слушнато оставката. Можам само да кажам дека СДСМ е силна партија која многупати била во криза и знаела успешно да излезе од криза. Она што е најбитно е да се даде можноста на реалниот и вистинит социјалдемократ во СДСМ да одлучува бидејќи сведоци сме дека во овој временски период откако практикуваме власт, всушност, голем број луѓе кои дојдоа на многу високи и истурени позиции во партијата се всушност далеку од идеологијата која програмски и статутарно ја застапува партијата“,
рече Димитриевски.
Димитриевски во Куманово се бореше да остане на градоначалничкото место како независен кандидат откако не ја доби довербата на партијата за кандидатура за уште еден мандат. По првиот круг на 17 октомври, тој влезе во вториот круг со предност од само 22 гласа повеќе во однос на Оливер Илиевски од СДСМ. На вчерашното гласање, Димитриевски освои 25 587 гласови или 6 119 повеќе од Илиевски кој имаше 19 468.