Во трите општини во срцето на Скопје во кои во првиот круг не беше избран градоначалник се забележува поголем одѕив во вториот изборен круг.
Највисок е во Карпош каде што до 15 часот на гласање излегле 38,94 отсто од избирачите или во апсолутни бројки, разликата во однос на првиот круг е 3 551 повеќе.
Во Центар до 15 часот гласале 16 593. Во споредба со состојбата во исто време пред две недели, во вториот круг бројот на гласачи што решиле да се определат кој ќе ги води Центар и Скопје е поголем за 3 078 гласачи.
За речиси 5 проценти е поголема излезеноста и во Чаир. Таму, според последните обработени податоци, до 15 часот гласале 17 243 лица, односно 2 880 повеќе од првиот изборен круг.
Одѕивот е поголем и во Ѓорче Петров, Гази Баба, Кисела Вода и во Шуто Оризари.
Во Бутел и во Сарај, каде што во првиот круг беа избрани општинските раководства, бројот на гласачи е помал отколку во истиот период пред две недели. Речиси 400 гласачки ливчиња помалку има во Бутел, за разлика од првиот круг, додека во Сарај таа бројка е помала за 2 848 гласа, ако се споредува со гласањето на 17 октомври, до 15 часот.
Во Аеродром бројот на гласачи што сакаат да одлучуваат за избор на градоначалник на Скопје исто така е зголемен во вториот круг, но таму до објавување на текстот од ДИК не ги соопштија целосните бројки, односно не беа обработени речиси 20 отсто од пристигнатите податоци за излезеноста до 15 часот.
Според расположливите информации, до 15 часот во Скопје гласале околу 145 000 гласачи или над 12 500 избирачи во споредба со првиот изборен круг.