Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дејан Павлески, денеска промовираше проект за изградба на туристички центри на Јабланица, на Бушева Планина и на Караџица.
Проценките се дека проектот би чинел помеѓу 700 и 800 милиони евра, а ќе опфаќа изградба на три туристички села на овие локации.
Според проектот, планирано е на овие локации да има вкупно 16 луксузни хотели, ресторани и околу 130 планински куќи со капацитет од над 5 000 легла, жичарници, ски-лифтови, над 180 километри алпски скијачки патеки, велосипетски и авантуристички патеки.

„Тоа се локации кои имаат одлични природни предиспозиции и соодветна инфраструктура. Развојот на овој проект ќе ја промовира Северна Македонија како врвна ски дестинација со конкурентни цени на скијачкиот пазар, во споредба со регионот и со меѓународните конкуренти. Станува збор за проект кој има главна цел да го стимулира и да даде силен импулс за развој на домашниот туризам и економија и да ги „отвори вратите“ за љубителите на природата и авантуризмот, како од Европа, така и од целиот свет“,
рече Павлески.
Павлевски рече дека во последните шест месеци, Агенцијата направила анализи за потенцијалите на земјата за развој на целогодишниот туризам, со особен фокус на зимските спортови, а на овој проект работеле и со експерт од Италија со повеќе годишно искуство во креирање на планински и ски ресорти ширум светот.
Идејата е новите туристички центри да се користат од страна на посетителите во текот на целата година.
„Покрај искористувањето на природните потенцијали и убавини, особено ќе се води грижа и за заштита и унапредување на животната средина во исто време. А самоодржливоста и искористувањето на обновливите извори на енергија се водилка“,
рече тој.
Одговарајќи на новинарско прашање, Павлески изрази оптимизам дека за реализација на проектите ќе се најдат соодветни инвеститори, за што рече дека активно ќе работат на промоција на проектите. Во наредните неколку месеци тие ќе бидат презентирани и на светскиот настан ЕКСПО 2020 во Дубаи.
„Јас верувам во успехот на овој проект, бидејќи сите негови аспекти од искористување на природниот потенцијал и соодветната инфрастуктура се исполнети. Доминантната изложеност на исток, присуство на вода и на езера на голема надморска височина, присуство на снежна покривка помеѓу 1200 и 2200 метри во текот на близу 140 дена во годината, како и лесната пристапност и двата меѓународни аеродроми во непосредна близина се огромна предност и тешко се наоѓаат сите заедно на едно место во повеќето актуелни туристички места и во Европа и на други места во светот“,
рече Павлески.