Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информира дека времето во текот на викендов ќе биде стабилно и сончево, додека од наредната недела повторно се очекуваат врнежи.
Времето денеска ќе биде сончево со слаб јужен ветер и со услови за појава на магла по одделни котлини и речни долини во утринските часови. Максималните температури ќе бидат во интервал од 15 до 20 степени.
Во Скопје и околината наутро со слаба магла, а преку денот сончево со слаб јужен ветер. Максималната температура ќе достигне до 17 степени.
Утре ќе преовладува стабилно време, со појава на магла и ниска облачност по одделни котлини и речни долини во утринските часови, а преку денот ќе биде сончево со мала локална облачност и со слаб југоисточен ветер.
До понеделник ќе се задржи стабилно време, а по одделни котлини и речни долини во утринските часови ќе има појава на магла и ниска облачност. Врнежи од дожд проследени со засилен јужен ветер се очекуваат во вторник.