Кандидатите за градоначалник на Куманово во вечерашната дебата на „360 степени“ ги соочија концептите за тоа како да се реши аерозагадувањето во градот. Актуелниот градоначалник и независен кандидат за втор мандат, Максим Димитриевски, вели дека загадувањето на воздухот се решава етапно со долгорочни и краткорочни мерки.
„Аерозагадувањето е генерален проблем во државата. Ние имаме краткорочни и долгорочни мерки. Долгорочните мерки се пошумување и гасификација, а испорачавме 2 милиони и 10 илјади метри кубни гас и сме еиднтвен град кој испорачува гас, развиваме гасоводна мрежа со сопствени средства, а гасифициравме и поголем број на јавни објекти и продолжуваме со тоа темпо. Поуспешни сме од државата на полето на гасификација, бидјеќи една од ретките општини што разви гас. Во изминатите четири години засадивме 15 илјади нови садници. Краткорочните мерки е аеросолизација системот кој од нас го прифатија и другите. Воведовме гас во најголемиот загадувач, болницата во Куманово, која наместо да ги лекува луѓето, таа ги труе. Ние испорачавме гас, а Министерството за здравство со прст не мрдна. Дополнително, инсталиравме шест пунктови на различни локации да се мери нивото на загадување. Немаме тешка индустрија, но развиваме ноза зона надвор од градот за лесни и незагадувачки индустрии. Куманово, продолжува етапно да го решава овој проблем“,
рече Димитриевски.
Кандидатот за градоначалник од СДСМ, Оливер Илиевски, вели дека загадениот воздух е посебен проблем за градот и ветува забрзана гасификација на Куманово, бидејќи смета дека темпото со кое таа се одвива не е доволно.
„Аерозагадувањето е посебен проблем во Куманово. Видовме од мерните станици дека во вечерните часови за време на зимскиот период воздух не се поднесува, а имавме и неколку протести во изминатите години се со цел да се преземат мерки. Првиот проект кој ќе го реализираме е гасификација на целиот град, бидејќи со ова темпо со кое се прави гасификацијата во Куманово во изминатите 8 до 12 години, нема да стигнеме ниту за 90 години да се гасифицира градот. Во Куманово треба да се изградат 240 илјади метри гасоводна мрежа, а паралелно треба да ги гасифицираме индустриските зони. Предвидуваме во зимскиот период каде што има најголема концентрација на загаденост на ПМ-честичките да обезбедиме бесплатен автобуски превоз за сите граѓани на Куманово со што автобуските превозници ќе бидат субвенционирани за тој период. Целта е да имаме што помалку автомобили во центрланото градско подрачје. Исто така, планираме и фасадите во централното градско подрачје да ги направиме енергетски ефикасни со цел да се користи помалку тврдо гориво за греење“,
вели Илиевски.