На еден ден пред изборниот молк, кандидатот за градоначалник на Битола од ВМРО – ДПМНЕ, Тони Коњановски, побегна од соочување со противкандидатот од СДСМ, Христо Кондовски токму пред сопствениот град, во единствената локална телевизија во Битола, велат од СДСМ – Битола. Коњановски, пак преку социјалните мрежи рече дека не можел да присуствува на вечерашната дебата бидејќи во тој период имал договорена средба со граѓани.
„По соочувањата на националните телевизии каде се појави на сите, за жал не смогна сили да се појави и пред битолската публика на телевизија Тера. Во емисијата во која требаше да дебатираат двајцата кандидати за градоначалници на Битола, остана само Христо Кондовски кој пред да ги претстави уште еднаш своите проекти пред сограѓаните, изјави дека е изненаден од одлуката на противкандидатот и дека доколу беше на негово место би се срамел да не се соочи пред битолчани“,
велат од СДСМ – Битола.
Кондовски во емисијата рече дека Коњановски се криел зад говорниците на партиските портпароли и советниците.
„Искрено, очекувам утре после ова недоаѓање некој напад измислен за мене како што беше во оваа кампања изминатиот период. Мислам дека е недолично и баш ова се моментите кога можеме да ги расчистиме и отвориме работите, но очигледно тоа ја покажува и иднината кога би биле градоначалници. Колку и да е тешко, колку и да е противникот достоен или жесток, треба да се соочуваме пред јавноста. Доаѓаат моменти за сериозни одлуки, а за тоа треба храброст“,
рече Кондовски.
Коњановски пак, преку Фејсбук рече дека поради активности во рамките на изборната кампања бил спречен да присуствува на дебатата.
„Мојата неможност за учество во дебатата е поради претходно договорени активности во агендата, односно средби со граѓани, на нивно барање, кои за жал, не е пријатно и невозможно е да ги откажам“,
напиша Коњановски.