Мицкоски им вети на граѓаните подадена рака за соработка и рече дека не само што е жално што народот е поделен и раскаран по разни основи, туку дека тоа е штетно за иднината на државата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од централниот митинг вечерва во Скопје порача дека тој е подготвен да ја плати цената за слободата и заедничката иднина.
„Подготвен сум да ја платам секоја цена, затоа што народот е нашата сила, а ние неговата. И затоа што новата иднина е нашиот сон од кој нема да се откажеме“,
рече Мицкоски.
Тој вети дека граѓаните ќе добијат подадена рака за соработка и рече дека не само што е жално што народот е поделен и раскаран по разни основи, туку дека тоа е штетно за иднината на државата.
„Судбината на мојот сосед чие дете има проблеми и не може да се лечи заради проблеми во системот, е и моја судбина. Судбината на учителот во Битола кој има ниски примања и не може да си го издржува семејството е и моја судбина, иако јас не го познавам. Нашите судбини се испреплетени. Тоа мора да го разбереме сите. Болката на другите е и моја болка. Болката на луѓето кои загубија блиски во тетовската болница е и моја болка“,
порача Мицкоски.
Според него, нема лева или десна Македонија, нема сдсмовска или вмровска Македонија, туку само една заедничка.
„Нема Македонија поделена по етничка или верска основа – не, туку таа е заедничка, една Македонија. Нема наша и нивна Македонија. Нема либерална и конзервативна, прогресивна и назадна Македонија“,
рече Мицкоски.