Проблемот со „Работнички“ е во тоа што салата е на приватно земјиште кое е продадено во време на ВМРО-ДПМНЕ за многу ниска цена и за кое има судски спор, вели кандидатот на СДСМ, кој ѝ забележува на својата противкандидатка дека излегува со ветување дека на истото земјиште ќе има нова сала, која е невозможно ниту да се реконструира додека трае постапката
Стипендии за ученици од социјално загрозени семејства, талентирани ученици и за првенците на генерација од основните училишта, најавува Наташа Котлар, кандидатка за градоначалничка на Центар, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ
„Ќе обезбедиме секоја година по 20 стипендии за најдобрите студенти од Општина Центар“,
вели Котлар.
Таа ветува и велосипедски паркинг во секое училиште и установа, како и систем за изнајмување велосипеди.
Нејзиниот противкандидат во вториот круг, Горан Герасимовски од СДСМ, пак, најавува нова зграда за „Работнички“, по решавањето на судскиот спор за земјиштето. „Работнички“, вели е бренд на Центар, но и бренд на градот и мораме да направиме добри услови за спортот.
„Проблемот со ’Работнички’ е во тоа што салата е на приватно земјиште кое е продадено во време на ВМРО-ДПМНЕ за многу ниска цена и за кое има судски спор“,
рече Герасимовски, во гостување на МТВ, забележувајќи ѝ на Котлар дека излегува со ветување дека на истото земјиште ќе има нова сала, која е невозможно ниту да се реконструира додека трае судскиот спор.
Тој рече дека и тие имаат ветување за нова сала на „Работнички“, но реално, откога ќе заврши судскиот спор затоа што не може да се вети нешто за што нема сигурност дека ќе биде исполнето. Посочи и дека судското рочиште, според негови информации, е при крај и тој е оптимист дека ќе биде во полза на општината,
„Израснати сме со клубот, израснати сме на трибината. За да говорат за ’Работнички’, за клубот, и како ќе функционира мислам дека треба прво да се информираат“,
рече Герасимовски.