Мицкоски смета дека Заев и ДУИ се најголемите непријатели на етничките односи во државата, а исто така ја обвини власта и дека се пазари со Бугарија и прави притисоци врз комисијата за историските прашања
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот мини митинг во Злетово во Општина Пробиштип порача дека актуелната власт ќе загубат, но како што рече, барем да се повлечат достоинствено.
„И во последните денови гледаме невидена црна кампања и пропаганда која само ја потврдува паниката во нивните редови. Повеќе не зборуваат за проекти, зборуваат само и само за минатото и за ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Мицкоски.
Тој ја обвини власта дека постојано лаже, а како пример го посочи Заев за најавата дека ќе инвестирал 12 милијарди евра наредниот период. Исто така, Мицкоски го обвини лидерот на СДСМ, но и коалицискиот партнер во владата – ДУИ, дека во овој момент се најголемите непријатели на етничките односи во земјава.
„Сè што ќе чуете овие денови од нивните усти земете го со резерва. Погледнете само со каква леснотија си играат со огнот на етничките тензии, сакајќи да предизвикаат конфликт. Во овој момент најголем непријател на етничките односи во Македонија е токму Зоран Заев и неговиот партнер ДУИ, затоа што така драги пријатели на најлесен начин си го штитат криминалот, којшто сложно си го прават, сложно си крадат од тендери додека пред камерите глумат загрижени политичари за мултиетничката демократија. Но работата е што и Албанците, исто како и Македонците живеат подеднакво лошо и сите заедно ја напуштаат државата поради таквите како Заев и Ахмети“,
нагласи Мицкоски.
Тој ја обвини власта и за односите со Бугарија односно дека работи спротивно на националните интереси, се пазари и прави притисоци врз комисијата за историските прашања.