На денот на изборите, 17 октомври, во Прилеп нема испратено возило на технички преглед ниту, пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што исто така говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле, соопштија од МВР по објавените информации од ВМРО-ДПМНЕ за вибер-група во која полициски функционери и службеници договарале малтретирање граѓани
Во Полициската станица Прилеп, помошниот оперативен штаб и Републичкиот оперативен штаб за локални избори 2021 нема регистрирано пријава од граѓанин или правен субјект дека во предизборниот период, денот на гласањето или во постизборниот период од страна на полициски службеници при преземање службени дејства е постапувано незаконски или непрофесионално или на кој било начин е малтретиранo лице при вршење на служба, како што беше изнесено на прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ.
Ова го соопштија денеска од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР по проверките на наводите од ВМРО-ДПМНЕ за планирано физичко малтретирање од страна на полициски службеници вработени во ОВР Прилеп.
„На денот на изборите, 17 октомври, во Прилеп нема испратено возило на технички преглед ниту, пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок, што исто така говори дека наведените дејствија, всушност, не се случиле“,
се вели во соопштението и апелираат до опозициската партија да престане да шири невистини, а граѓаните слободно да ја изразат својата волја.
На 24 и 25 октомври од опозициската партија објавија комуникација од вибер-група за која тврдат дека е на полициски функционери и службеници во која се договараат притисоци врз граѓани симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп.
Од СДСМ ги отфрлија обвинувањата и ги повикаа институциите да го истражат случајот.
Во однос на информациите изнесени од ВМРО-ДПМНЕ дека полицајци, началници и функционери во Прилеп се организирале за да заплашуваат политички противници на денот на изборите, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија рекоа дека наводите се проверуваат и по нив постапува Комисијата за следење на изборни нерегуларности.
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера на прес-конференција објавија дека поседуваат документи кои укажуваат на поткуп во Крива Паланка и на злоупотреба на Единицата за специјални задачи во Битола, Охрид и Кочани.