На Скопје му требаат длабоки промени и создавање на нова иднина, рече тој на митингот вечерва
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва на митингот во скопско Лисиче обвини дека во пресрет на вториот круг од локалните избори во Скопје има, како што ја нарече „струмичка екипа“ која работи на терен во полза на актуелниот градоначалник и кандидат за уште еден мандат, Петре Шилегов.
„Ќе го освојувале Скопје, но овој пат со струмички сили. Да се разбереме, немам ништо против овој преубав град од југоистокот на Македонија, немам ништо напротив преубави чесни и честити луѓе живеат таму, но имам против тоа кога криминалци од кланот на власт го валкаат изборниот процес и мислат дека се главни во Македонија“,
истакна Мицкоски.
Мицкоски посочи дека на само два дена пред изборите од првиот круг, Шилегов склучил договор со три кафеани за да има службени гозби и ручеци.
„Тој за ова кажа дека било за да обезбеди континуитет во работењето на градот, и кога ќе размисли човек подобро, навистина овој пат не излажа. Тоа е неговиот континуитет во работата во кафеани. Затоа на Скопје му требаат длабоки промени и создавање на нова иднина“,
рече Мицкоски и ја промовира Данела Арсовска зад која застана партијата како кандидатка за градоначалничка на Скопје.