На прес-конференција вечерва портпаролот на партијата објави иформации за случаи во Крива Паланка, Охрид, Битола и Кочани
ВМРО-ДПМНЕ вечерва на прес-конференција објави дека поседуваат документи кои укажуваат на поткуп во Крива Паланка и на злоупотреба на Единицата за специјални задачи во Битола, Охрид и Кочани.
Портпаролот на партијата, Наум Стоилковски, прво презентира принтскрин од разговори на социјални мрежи и фотографии за кои рече дека се од активистот на СДСМ, Новица Груевски, и на командирот на полицијата во Крива Паланка со сега избраниот градоначалникот на Крива Паланка од СДСМ, Сашко Митовски.
Сашко – Нафаќат се пак за 200 евра.
Новица – Тие се од збор ако кажат ДА така ќе биде.
Сашко – Да! Сабајле се договараме.
Новица – З…. ѕверче си.
Сашко – Знаеш дека нема да оставам на случајност ништо.
Новица – Знам и ради тебе веруем дека ќе ги добиеме у Паланка!
Другиот принтскрин што го презентира Стоилковски е наводно разговор меѓу командирот на полициска станица Крива Паланка, Дејан Маринковски, со сега избраниот градоначалникот, а се зборува за полицаец кој објавил знаме со сонцето од Кутлеш на ,,Фејсбук”.
Полицаец од Баглак. Гледај го, беше кај мене сга е у север.
Сашко – Да, ја ви кажува за овај. Мора да го сечеме јако.
Дејан – Знам, ќе го отсечеме. Само јако.
Сашко – Сега имате јасна слика. После избори. Сечење.
„Повторувам, ова е комуникација од Сашко Митовски, сега градоначалник, порано шеф на изборниот штаб на СДСМ во Крива Паланка, под директна управа на Љупчо Николовски, министерот за интегритет во Владата на Зоран Заев“, рече Стоилковски.
Во продолжение на прес–конференцијата Стоилковски обвини дека се злоупотребува Единицата за специјални задачи.
„Групи на доверливи лица од Единицата за интервенции се пратени од вчеравечер во цивилна облека и необележани возила на МВР, по една група во Кочани и во Охрид, додека две групи се во Битола, со задача да помогнат на партиските параполициски структури во теророт и поткупот врз населението. Состојбата во Битола е иста како онаа во Прилеп, за што информиравме преку оние вибер информации кои што се направени од оние групи со кодни имиња ХХХ и групата 007“,
рече Столковски.
Како координатор на овие групи во Битола, Стоилковски го спомена Васко Ковачевски, а според информациите доставени од свиркачи, како што рече, таа група е предводена од тројца началници на СВР Битола, Славко Ј., Николче Ѓ. и Вангел Б. Потоа, во неа се и Горанче М., Ирена М. и уште десетина други полицајци, инспектори, полицајци од сообраќајната полиција, инспектори за кражби и други лица коишто се активисти и членови на СДСМ, наведе тој.
„Во оваа битолска група предводена од Васко Ковачевски се и лица од битолското подземје познати како Шваба, Тарзан, Мики и други коишто користат луксузни возила со странски регистарски таблички за вршење на дејноста – заплашување, терор, подмитување, со една цел – задржување на локалната власт од страна на СДСМ“,
рече Стоилковски.
Како и кога го објавија случајот со вибер-групата на полициски службеници во Прилеп, така и вечерва Стоилковски рече дека ВМРО-ДПМНЕ сите докази и информации ќе ги достави до сите релевантни меѓународни институции, странските набљудувачи во изборниот процес, како и амбасадите на државите во Македонија, со барање за зголемена внимателност во овие градови, но и во другите региони за кои имаат сознанија дека се врши злоупотреба на полициските служби за партиски интереси.
На 24 и 25 октомври од опозициската партија објавија комуникација од вибер-група за која тврдат дека е на полициски функционери и службеници во која се договараат притисоци врз граѓани симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп.
Од СДСМ ги отфрлија обвинувањата и ги повикаа институциите да го истражат случајот.
Од МВР велат дека ВМРО-ДПМНЕ не изнело ниту еден доказ за обвинувањата, а потенцираат и дека на денот на изборите во Прилеп не е испратено ниту едно возило на технички преглед, ниту, пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок и ги отфрлија изнесените информации како невистини.
Во однос на информациите изнесени од ВМРО-ДПМНЕ дека полицајци, началници и функционери во Прилеп се организирале за да заплашуваат политички противници на денот на изборите, од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија велат дека наводите се проверуваат. По нив постапува Комисијата за следење на изборни нерегуларности.