Коментирајќи за изјава на лидерот на ДУИ дека не смее да се дозволи ВМРО-ДПМНЕ да победи во Гостивар, Таравари рече дека „Ахмети 12 години беше во коалиција со Груевски“
Членовите и поддржувачите на Алијанса за Албанците во вториот изборен круг да ги поддржат кандидатите на Беса за градоначалници на Тетово и на Желино, повика попладнево генералниот секретар на Алијансата, Арбен Таравари, кој, исто така, се натпреварува со ДУИ за втор мандат за градоначалник на Гостивар.
„Веднаш по објавувањето на резултатите, ние како Алијанса за Албанците го искажавме нашиот став дека треба да се поддржат сите кандидати на албанската опозиција, што се борат против ДУИ. Го поздравуваме повикот на движењето Беса за поддршка на кандидатите на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива и го повторуваме нашиот конзистентен став дека нашите членови и симпатизери и сите други гласачи треба да ги поддржат кандидатите на Беса во општините каде што се соочуваат со ДУИ, поточно во Тетово и во Желино“,
изјави Таравари.
Според Таравари, „ДУИ треба да падне по која било цена од власт’. Се надеваме, рече тој, дека Беса ќе има вистинско одвојување од злото, но „потсетуваме дека тоа се прави само доколку ДУИ биде отстранета од власт и ако создадеме ново парламентарно мнозинство“.
Коментирајќи за изјава на лидерот на ДУИ дека не смее да се дозволи ВМРО-ДПМНЕ да победи во Гостивар, Таравари рече дека „Ахмети 12 години беше во коалиција со Никола Груевски“.
„Не со ВМРО-ДПМНЕ, туку со Груевски. Беше заедно со Мијалков, со тие што велевме дека се злото на ВМРО-ДПМНЕ и сега ни кажува дека ние сме биле со ВМРО-ДПМНЕ, дека јас сум бил кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Видете, во 2017 година јас се натпреварував сам за Гостивар, додека Невзат Бејта беше заеднички кандидат на СДСМ и на ДУИ, а во 2013 година Ахмети ги украде изборите во Гостивар, заедно со Мијалков и со Груевски. Затоа, барем од морален аспект, ако ја има таа морална димензија, не му прилега тој да зборува за кандидат на СДСМ, на ВМРО или на некој друг… Јас на господинот Ахмети му посакувам успешна пензија наскоро, за месец-два“,
рече Таравари.