Претходно реагираше и МВР од каде што рекоа дека опозицијата не изнела ниту еден доказ за обвинувањата, а потенцираат и дека на денот на изборите во Прилеп не е испратено ниту едно возило на технички преглед ниту, пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок
Со СДСМ имаме слободни, фер и демократски избори, конструкциите на ВМРО-ДПМНЕ се без ниту еден доказ, реагираат од владејачката партија откако опозицијата денеска на прес-конференција излезе со нови обвинувања дека група вработени во МВР во Прилеп биле параполициско здружување во функција на СДСМ.
„Граѓаните многу добро знаат само со СДСМ имаме слободни, фер и демократски избори. Изборните нерегуларности се одлика на режимот на ВМРО-ДПМНЕ кога ја злоупотребуваше полицијата за да заплашува, малтретира и уценува граѓани, а МВР беше претворено во ВМРО-МВРО. Тоа време заврши.Ги отфрламе сите обиди за манипулации на ВМРО-ДПМНЕ кои очигледно се без ниту еден доказ“,
пишува во денешната реакција на социјалдемократите.
Претходно на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ реагираше и МВР од каде рекоа дека опозицијата не изнела ниту еден доказ за обвинувањата, а потенцираат и дека на денот на изборите во Прилеп не е испратено ниту едно возило на технички преглед ниту, пак, е изречена санкција за сообраќаен прекршок.
Опозицијата со вакви обвинувања излегува од вчера. Денеска претпладне членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, на прес-конференција читаше пораки од вибер-група и тврдеше дека се правеле црни списоци на автомобили за отстранување од сообраќајот, се давала наредба за измислување прекршоци и имало физичко следење на нивни активисти.