Волкот влакното го менува, но карактерот не. Заев по трет пат го вели тоа и продолжува по старо, обвини Мицкоски
Надежта покажана во првиот круг е патот кон промените, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во рамки на кампањата за вториот круг од локалните избори.
Тој вечерва беше на средби со жителите на Демир Хисар, каде кандидатот на опозициската партија, Никола Најдовски, во вториот круг ќе се соочи со противкандидатот од СДСМ, Стевче Митревски. Тој од граѓаните побара поддршка за Најдовски бидејќи, како што вели, клучот за промените е токму кај нив.

„Затоа што на сите нас заедно волјата и вербата ни се силни, затоа што веруваме во заедничка иднина, затоа што сите заедно гледаме дека ова што се случува мора да се промени и дека силата и клучот се во нас. Ништо не е посилно од таа надеж, базирана на волјата и моралната храброст на слободните луѓе да одлучат за себе. Затоа велиме уште само еден чекор до новата заедничка иднина“,
рече Мицкоски.
Тој зборуваше и за лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој по првиот круг рече дека граѓаните дале жолт картон за неговата партија и оти ја разбрал порака, по што побара обединување околу кандидати на социјалдемократите.
„Волкот влакното го менува, но карактерот не. Многупати порано ве гледал во очи и ве лажел. И денес лаже кога вели дека ја разбрал пораката од народот. По трет пат, го вели тоа и продолжува по старо. Ја разбрал пораката, ама ’СИ‘ врват тендерите за РЕК, врват и договорите за службени ручеци и кафеани. Ја разбрал порака од народот, но од рекетот не дознавме каде завршиле парите, ја разбрал порака ама не рече дека ќе го врати Ден Дончев кој го пушти да избега во Австралија со торби полна кеш – народни пари. Ја разбрал пораката, но, и понатаму за Рашковски вели дека е чесниот. Ја разбрал пораката ама батето и денес оди од фирма во фирмите и презентира список со барања од секоја фирма поединечно“,
рече Мицкоски.