Проектот за екоавтобуси, според неа, ќе реши многу проблеми, а во исто време ќе направи и ред на возење со тоа што ќе се скрати интервалот на доаѓање на автобуси на станиците и транспортот ќе биде побрз и почест
Купување нови 250 екоавтобуси за Скопје, наместо „Бас рапид транзит“ (БРТ) системот, ветува независната кандидатка за градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа половина час се возеше со градскиот превоз во главниот град, по што вети и дека во првите 82 дена од мандатот ќе ги нивелира шахтите и ќе нема дупки по улиците.

„Во 30-минутното возење низ Скопје можевме да забележиме дека непријатно е возењето посебно кога станува збор за дупките по улиците и неизбалансираните шахти, поради кои се оштетуваат возилата, што ќе биде како проблем решено во првите 82 дена од мојот мандат. Неопходно е Скопје да добие бесплатен јавен превоз и нови еко автобуси. Тоа е најбрзото и најсигурно решение за јавниот превоз во Скопје за разлика од БРТ проектот кој значи дополнителни инфраструктурни проекти и со тоа реализацијата ќе трае со години. Не ни треба решение за само дел од Скопје, бидејќи решенијата мора да се однесуваат на сите делови на Скопје“,
изјави Арсовска.
Проектот за екоавтобуси, според неа, ќе реши многу проблеми, а во исто време ќе направи и ред на возење со тоа што ќе се скрати интервалот на доаѓање на автобуси на станиците и транспортот ќе биде побрз и почест.
„Тоа ќе значи помал метеж во автобусите. Во исто време ќе се воведат и почести ноќни линии за викендите. За овие решенија не требаат месеци, а да не зборуваме години, како што е менување на возен ред, ама кај нас и за едноставните нешта се чека со години“,
вели Арсовска.