Во Центар градоначалникот ќе се избира во втор круг помеѓу Наташа Котлар од ВМРО-ДПМНЕ и Горан Герасимовски од СДСМ
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги повика Левица и независните советници од листата Шанса за Центар, предводена од Јана Белчева, да се обединат во Советот на Општина Центар, каде што СДСМ го загуби мнозинството.
Повикот во име на партијата денеска го испрати носителот на советничката листа за Центар од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Лазарев.
„Како носител на листата на Коалицијата која освои најголем број на советници ги повикувам партијата Левица со носителот Марија Среброва и независниот кандидат Јана Белчева, кои презентираа прекрасни проекти за време на кампањата, да се обединиме околу неколку најважни точки кои ќе донесат поквалитетен живот за сите нас во општина Центар“,
рече Лазарев.
Тој упати повик и до жителите на Центар во вториот круг од локалните избори да ја поддржат кандидатката за градоначалничка Наташа Котлар од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа во вториот круг ќе се трка со Горан Герасимовски од СДСМ, кој во првиот круг имаше околу 1 500 гласа повеќе од Котлар.