Лидерот на СДСМ им се заблагодари и на партнерите во владината коалиција кои во текот на целиот ден јасно порачаа дека остануваат во власта. Во овие моменти, вели Заев, многу значи нивната јасно искажана определба да бидат обединeти
Граѓаните ни упатија јасна критика, опомена, би рекол и казна … Немаме што да кажеме освен благодариме, примено, постапуваме. Не од следниот мандат, туку од овој момент.
Ова го кажа лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по изборниот неуспех на неговата коалиција во првиот круг од локалните избори што се одржаа во неделата на 17 октомври.
„Ние тој став го слушаме, разбираме и уважуваме. Свесни сме и јас лично и партијата дека повеќе нема толеранција за повторување на истите грешки. Ние сме партија која ги слуша луѓето, а не гази врз нив. СДСМ учи, се менува и ги поправа сопствените грешки за да обезбеди брз напредок на државата и подобар живот на државата. Ова е демократска отворена, приземјена политичка опција која се коригира и менува после критика. СДСМ од понеделникот е влезена во процес на редефинирање и унапредување на каналите за интеракција и комуникација со граѓаните. Преземаме чекори за подобро разбирање и побрзо реагирање на потребите на граѓаните“,
рече Заев.
Откако рече дека пораката е примена и дека е почнат процес на промени, лидерот на СДСМ, повика и на обединување.
„Сакам да побарам од вас да дадете шанса за земјата и општеството да се движат кон иднината, наместо да се враќаат кон минатото. Барам да се сплотиме и обединиме околу оваа наша заедничка цел. Да се обединиме сите слободумни, критички, демократски, европски, напредни слики. Во име на сè што постигнавме сакам да пратам порака на заедничко делување бидејќи постои ризик земјата да се врати назад, во неизвесност и криза. Повикувам да се обединиме и да продолжиме напред“,
повика Заев.
Тој ги повика граѓаните да продолжат да се движат напред и да гласаат за кандидатите на СДСМ и коалицијата во општините каде што тие влегоа во втор круг, како и во градот Скопје. Токму на Скопје, Заев го стави и акцентот во неговото обраќање.
„Скопје ја влече земјата напред. Скопје е наше, на сите. Пред сè на скопјани, но и на сите други. На Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците … На сите кои живеат и поминуваат низ него. Нема напредок ако Скопје продолжи назад. Затоа народен мој, 31 октомври не е само избор за решавање на комуналните проблеми, 31 октомври е избор каде оди државата. А, може ли да државата да оди напред ако Скопје влече назад, може ли да државата да оди напред ако во Скопје се вратат нови галии, жални врби и нов кичерај. Мојата влада, нашата влада, може да води напред само ако и Скопје влече напред. Затоа повикувам да се обединиме и да гласаме за да живееме во слобода и демократија со власт која слуша и се коригира, а не со власт која е режим и пред која народот молчи“,
рече Заев.
Според него, поддршката за СДСМ значи поддршка за градење патишта и сообраќајници, училишта, градинки, гасоводи, а не за шпански скали, споменици, галии и барокни фасади.
На новинарско прашање дали со ова најавува дека ако е кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов, не победи во Скопје, нема да функционира Владата повеќе, Заев рече дека тој не може да води влада, а да се движи во различни правци со главниот град.
„Јас реков дека јас не можам да водам влада и да движат со Скопје во посебни правци. Нашиот правец е напред, наред дома обединување, едно и еднакво општество за сите, владеење на правото, борба против корупцијата, унапредување на економскиот стандард. Ако градот е тоа што се нуди: национализам, поделби, повторно разединување помеѓу етничките заедници, кичерај и слично – не одат заедно. Исто така, интеграциите не може да продолжат со некој што не употребува ’С‘ од ’Северна Македонија‘ како уставно име. Веднаш се тоа кавги и со Грција и со Бугарија, а веројатно поради својата поставеност и национализам и со Албанија, и со Косово, и со Србија, и со целиот свет. Нашиот народ сака интеграција во ЕУ. Тоа едно со друго не оди“,
одговори Заев.
Повик до скопјани за поддршка на Петре Шилегов денеска упатија и од ДУИ. Со Шилегов, рече денеска портпаролотна ДУИ Бујар Османи, првпат сите граѓани на Скопје почувствуваа дека имаат локална самоуправа која се грижи за сите, без разлика дали живеат од левата или од десната страна на Вардар. Едноставно, рече тој, правилно е да го поддржиме актуелниот градоначалник
Лидерот на СДСМ им се заблагодари и на партнерите во владината коалиција кои во текот на целиот ден јасно порачаа дека остануваат во власта. Во овие моменти, вели Заев, многу значи нивната јасно искажана определба да бидат обедините.
„Се разобличија сите дезинформации кои ги слушавме претходните денови за наводни нови мнозинства. Денеска имаме јасна потврда, имаме владино мнозинство и коалиција која е стабилна и го води нашето општество напред“,
рече Заев.
*Поврзани вести: