Околу 35 000 поддржувачи на СДСМ или не гласале или биле за независните, некои градоначалници не беа отворени кон граѓаните, недоволно енергичните реформи и тоа што ЕУ не ги отвори преговорите за членство, а вети, се неколкуте грешки кои, според претседателот на СДСМ, се причина за слабиот резултат во привот круг од локалните избори
По изборите ќе следат длабински анализи за грешките, но она што сега може да се каже е дека голем дел од нашите поддржувачи не гласаа. Неотвореноста на некои наши градоначалници и кандидати кои не одговорија на барањата на граѓаните, недоволните реформи, како и тоа што ЕУ не го испорача ветеното, за што ние направивме големи чекори.
Овие, според претседателот на СДСМ Зоран Заев, се можните грешки кои довеле до слаб резултат во првиот круг од локалните избори.
„Не сме сјајни, имаме слабости, но сме подобри од нашите противници“,
рече Заев, посочувајќи дека за цело ова време додека се на власт прават промени, и на директорски места и во Владата, и во партијата.
„Пораката е примена. Слушнат е гласот, за нас тоа е казна, тоа е жолт картон и за нас и за нашето членство, да бидеме подобри во следниот период“,
рече Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање дали може да посочи каде партијата направила кадровски грешки, Заев не спомена никого директно, но преку пример, ја посочи општината Кисела Вода, за која рече дека, иако бил направен голем проект за канализација, сепак, очигледно не биле слушнати проблемите на граѓаните.
„Граѓаните се незадоволни, дали од Филип, дали од Заев, но очигледно не се слушнати нивните проблеми“,
рече Заев.
Понатаму тој спомена бројка од околу 35 000 гласачи нивни поддржувачи, кои или останале дома или ги поддржале независни листи и со тоа го казниле СДСМ.
„Ние ги изгубивме нивните гласови. До тие се обратив, кои не сакаат да се врати режим, да биде молк, да имаме кавги и дома и со соседите, сакаат интеграциии. До тие се обративме, а седејќи дома ќе го овозможат токму тоа против кое се бореле“,
рече Заев.
Заев, исто така, рече дека иако направиле реформи, како што е зголемувањето на минималната и просечната плата, граѓаните очигледно сакаат повеќе, без разлика што во меѓувреме имаше референдум, уставни измени, пандемија, претседателски избори…
„Еден дел од политките ни се одразија и народот најде начин да го казни тоа. ЕУ ни вети за тоа што го направивме но не испорача. Можеби Бугарија е вината, но ЕУ требаше да најде начин да испорача. Не ѝ е лесно на ЕУ, но и нам не ни беше лесно, ни на граѓаните да ги донесеме тие одлуки на рефернедум“,
рече Заев на прес- конференцијата.