Фаворитот на опозицијата, Оливер Зафировски од ВМРО-ДПМНЕ, не успеа да влезе во вториот круг од трката за градоначалник на Карпош. Тој е трет и за нешто помалку од 300 гласа заостана зад поранешниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски. ГРОМ на Јакимовски е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, но партијата на Мицкоски реши нејзин претендент да биде Зафировски, а не Јакимовски.
Во вториот изборен круг Јакимовски ќе се натпреварува за нов мандат со кандидатот на СДСМ, Душко Весковски, кој освои најмногу гласови при првото соочување. Од неговиот штаб сметаат дека водството на Весковски од 2 000 гласа е незначително бидејќи само збирот на гласовите на Јакимовски и на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ носат предност од 4 000 гласа, што му го отвора патот за враќање на позицијата што ја имаше до 2017 година. Јакимовски рано утрото им се заблагодари на граѓаните што го поддржале и најави победа на 30 октомври.
„Влеговме во финалето. Водството на кандидатот на СДСМ е достижно. Јас Ви гарантирам дека ќе го победиме. Ќе победи визијата, резултатите, одговорноста и совеста, за да може Карпош да си го вратиме на вистинскиот пат. Нѐ чека големо финале. Очигледно е дека граѓаните не само на Карпош туку и на Македонија препознаа дека оваа власт го губи здивот и нема ниту знаење ниту поткрепа во народот да води. Тоа значи дека по овие локални избори, наскоро ќе имаме и парламентарни избори“,
изјави Стевче Јакимовски.
Во изминатите четири години со општината раководеше Стефан Богоев, кадар на СДСМ.
Составот на Советот на општината ќе биде шаренолик, без јасно дефинирано мнозинство. Најмногу советници ќе има СДСМ, а веднаш зад нив е ВМРО-ДПМНЕ. Во локалната власт свои претставници ќе имаат и Левица, Гром и независната листа на Невена Георгиевска.