Генералниот секретар на СДСМ и шеф на изборниот штаб, Љупчо Николовски, на првата прес-конференција по затворањето на избирачките места соопшти дека ги очекуваат првичните резултати од првиот круг на локалните избори кои ќе се обработуваат во партиското седиште.

„Првичните трендови покажуваат дека СДСМ и коалицијата ќе забележат уште една сигурна изборна победа“,
изјави Николовски.
Според генералниот секретар на СДСМ, денеска изборите поминале во демократски, мирен и достоинствен начин. Николовски им честиташе на граѓаните и на институциите.
Потврди дека имало одредени проблеми со новиот начин на гласање со отпечаток на прст.
„ВМРО-ДПМНЕ инсистираше на оваа новина и ние како одговорна власт го прифативме тоа барање на опозицијата“,
изјави Николовски.
Генералниот секретар на СДСМ и шеф на изборниот штаб нотираше и поединечни инциденти кои според него биле изолирани и за кои навреме интервенирале надлежните институции.