На првата прес-конференција по завршувањето на гласањето за локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ излезе со обвинувања кон власта за низа изборни нерегуларности, но и со оптимизам дека ќе има добар резултат по пребројувањето на гласовите.
„На власт во државата имаме гарнитура која е потопена во криминал и корупција. Соодветно на тоа, имавме избори каде што забележавме нерегуларности, нарушување на изборниот процес и коруптивно дејствување на власта. Така, во текот на вчерашниот и завчерашниот ден забележавме кршење на изборниот молк, заплашувања, притисоци и уцени од страна на носители на јавни функции, поедини министри, злоупотреба на државни ресурси за партиски цели. Имаме отворени сомневање за поткуп во Прилеп, Велес, Битола, Делчево, Демир Капија, Неготино, Охрид, делови на Скопје. Брутален физички напад врз новинар и медиумски работници во Прилеп. Во 21 век имаме информации за бугарски воз, информации за полнење кутии во Сарај – за ова поднесовме и приговори“,
изјави Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓутоа, вели тој, партијата очекува дека народот ја препознал шансата и ќе се случат промени.
„Она што е навистина позитивно е што народот денеска навистина излегуваше и зад параванот заокружуваше нова иднина. Нема да предвидуваме точни резултати, ќе почекаме тие да пристигнат, но она што го очекуваме се добри резултати и во многу општини ќе водиме и ќе победиме. Очекувам народот да ја препознае шансата која им стои на располагање, да донесеме надеж и заеднички да градиме нова иднина“,
рече Лефков.