На обработени 97,08 отсто од гласачите, излезеноста на локалните избори до 17 часот е 41,08 отсто, што значи дека гласале 730 603 граѓани, покажуваат последните информации од ДИК.

Во однос на последните локални избори, кои се одржаа на 15 октомври 2017 година, одзивот е помал за околу 8 отсто. Пред четири години во првиот круг до 17 часот на гласање излегле 49,14 отсто од запишаните гласачи.
Денешната излезеност е помала и, ако се направи споредба со пресекот до 17 часот од вториот круг на локалните избори во 2017 година, таа изнесувала 43,89 отсто.
Ако се направи споредба со одзивот до 17 часот на последните парламентарни и претседателски избори, пак, тој денеска е поголем.
На претседателските избори во 2019 година, заклучно со 17 часот, правото на глас го искористиле 35,13 отсто од избирачите. Лани на предвремените парламентарни избори во истиот временски интервал на гласање излегле 38,78 отсто од избирачите.